„Обликување на иднината на правата: Слободата на изразување како двигател за сите други човекови права“ е мотото под кое денеска се одбележува Светскиот ден на слободата на медиумите, 3 Мај.
Светскиот ден на слободата на медиумите се одбележува од 1993 година и секогаш на 3 мај. Целта е да се промовира принципот на слобода на медиумите, да се истакне важноста на заштитата на медиумските слободи и борбата против сите форми на влијание врз медиумите, како и да се потсети на медиумските работници кои ги загубија животите при вршење на својата работа.
Во пораката на ОН по повод Светскиот ден на слободата на медиумите, се истакнува дека и три децении по прогласувањето на овој ден, слободата на медиумите, безбедноста на новинарите и слободата на изразување се повеќе се на удар, што влијае на остварувањето на другите човекови права. Меѓународната заедница се соочува со повеќе кризи, конфликти и насилство, постојани социо-економски нееднаквости кои ја поттикнуваат миграцијата, еколошки кризи и предизвици за здравјето и благосостојбата на луѓето ширум светот, а лажните вести и дезинформациите на интернет и офлајн се шират со сериозно влијание врз институциите кои ја поткрепуваат демократијата, владеењето на правото и човековите права.
Правото на слободно изразување, вградено во член 19 од Универзалната декларација за човекови права, е предуслов и двигател за уживање на сите други човекови права.
– Но, поларизираниот политички и општествен дискурс, ерозијата на довербата, воведувањето на вонредни состојби и исклучувањето на интернетот, сузбивањето на критичките гласови и независните медиуми, колапсот на традиционалните медиумски модел, говорот на омраза и штетните онлајн содржини кои ги занемаруваат меѓународните стандарди, претставуваат нови закани за слободата на изразување и основната улога на човековите права. Токму за да се се спречат овие критични ситуации и закани, во центарот на вниманието треба да бидат слободата на медиумите, безбедноста на новинарите и слободниот пристап до информации, порачуваат од Светската организација.
Оттука, одбележувањето на 30-годишнината од Светскиот ден на слободата на медиумите е повик за акција против секое потиснување на слободата на медиумите, за промоција и поддршка на независни, плуралистички и разновидни медиуми, како неопходен клуч за уживање на сите други човекови права. Денешниот ден е е повод да се организираат настани кои ја истакнуваат врската меѓу слободата на медиумите, слободата на изразување и другите човекови права. Се иницира глобална дебата за да се дефинира агендата за развојот на човековите права и нивна заштита во светот кој постојано се менува.
Новинарите и понатаму жртви на насилство
Во светот во периодот од 2003 до 2022 година се убиени 1.668 новинари, во просек по 80 годишно. Во последните две децении, „најцрни“ години биле 2012 и 2013, со 144, односно 142 убиени новинари и медиумски работници, покажуваат податоците на „Репортери без граници“ (РСФ).
По постепеното смирување во наредните години, бројот на убиени новинари повторно почна да расте во 2022, кога вршејќи ја својата работа животот го загубиле 59 новинари и медиумски работници, пред се како резултат на војната во Украина.
На страницата на Репортери без граници во реално време се прикажува бројот на убиени новинари од 1 јануари оваа година до моментов, како и бројот на новинари кои се во затвор.
Во моментов од 1 јануари оваа година до денеска во светот се убиени шест новинари и еден медиумски работник. Во затвор моментално се 548 новинари во светот и 22 медиумски работници.
Во последниот извештај на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија во делот на слободата на изразувањето и работењето на медиумите се наведува дека иако случаите на физичко и вербално насилство кон новинарите се намалени, забележано е зголемување на онлајн заканите кон новинарите и медиумските работници.
Во Извештајот на ЕК се наведува дека во 2021 година Министерството за внатрешни работи регистрирало осум случаи на напади врз новинари, споредбено со десет случаи во 2020 година. Кривични пријави се поднесени во три случаи (за дело извршено за време на протест, за повреда на авторски и сродни права и за онлајн закана). Истрагите за останатите пет случаи се во тек. Здружението на новинарите на Македонија регистрираше пет напади, три од нив врз новинарки. За време на локалните избори во 2021 година се зголеми бројот на инциденти во кои беа вклучени новинари.
-Постоечките закони и заложбите за почитување на меѓународните стандарди обезбедуваат соодветен механизам за силите на редот и обвинителството за изведување на сторителите пред лицето на правдата. Натамошни активности се потребни за да се обезбеди непристрасна, брза и ефикасна истрага, нотира ЕК и додава дека политичарите од сите нивоа и носителите на јавни функции треба постојано да покажуваат пример на високи стандарди за почитување на слободата на медиумите во нивната интеракција со новинарите.
ЕК забележува дека онлајн вознемирувањето и вербалните напади кон новинари, особено на социјалните медиуми, продолжуваат да растат. Нагласува и дека старите случаи на физички напади врз новинар останаа нерешени. Во Извештајот ЕК се осврнува и на говорот на омраза, кој е забранет во сите медиуми и напоменува дека во декември 2021 година, онлајн закана кон новинари објавена на социјални медиумите беше санкционирана од судските власти.
Северна Македонија и слободата на медиумите
Според глобалниот индекс за слободата на медиумите на „Репортери без граници“, Северна Македонија лани забележала напредок во однос на 2021 година. Земјава е рангирана на 57. место од вкупно 180 држави, додека во 2021 година беше 90-та на листата. РСФ сепак предупредува дека иако новинарите не работат во непријателско опкружување, раширените дезинформации и недостигот на професионализам придонесуваат за опаѓање на довербата на општеството во медиумите, што ги изложува независните медиуми на закани и напади.
– Мора да се направи разлика помеѓу професионални онлајн редакции кои вработуваат професионални новинари и објавуваат оригинална содржина и поединечни портали кои вршат плагијат и препишуваат таква содржина, посочуваат од „Репортери без граници“.
За политичкиот контекст се укажува дека транспарентноста на институциите е слаба. Поради силната политичка поларизација врз медиумите има притисок од властите, политичарите и бизнисмените, а двете најголеми партии креирале паралелни медиумски ситеми со кои го вршат своето политичко и економско влијание. Судската злоупотреба на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, пак, поттикнува самоцензура на новинарите, а тужбите се користат како алатка за заплашување и притисок врз независните медиуми.
Европската комисија, пак во последниот извештај нотираше генерално поволна клима за слободата на медиумите и потпросечни плати за новинарите
-Северна Македонија е умерено подготвена во сферата на слободата на изразувањето и генерално бележи лимитиран прогрес во однос на претходните препораки на Европската комисија. Генерално има поволна клима за слободата на медиумите и овозможено е критичко медиумско известување, иако беа забележани одредени тензии за време на минатогодишните локални избори, нотира Комисијата.
Во Извештајот се нагласува и дека слободата на изразување и плуралистичките гледишта продолжиле да напредуваат во генерално поволниот целокупен политички контекст. И покрај ова, медиумските реформи заглавија поради недостиг на политички консензус и промена на фокусот поради пандемијата на Ковид-19. Властите, според препораките на ЕК, треба да ги зголемат нивните напори за реформирање на јавниот радиодифузен сервис, да ја обезбедат неговата независност, професионалните стандарди и финансиската одржливост. Забележано е дека реформскиот процес на јавниот радиодифузен сервис, во рамки на петгодишната развојна стратегија, е ограничен поради одложувањето на назначување на членови на неговиот Програмски совет, а забелешка е и непополнувањето на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Економската неизвесност и натаму е предизвик за новинарите и медиумските работници, а фокусот треба да остане на напорите за унапредување на нивните работнички и социјални права, оцени ЕК во последниот извештај за напредокот на земјава во делот на слободата на изразувањето и работењето на медиумите.
Предизвик и натаму остануваат работничките и социјалните права на новинарите и медиумските работници. Нивните права ги застапува Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, а новинарите во јавниот радиодифузен сервис и државната агенција МИА се организирани во посебни синдикати. ЕК нотира дека е потребно подобрување на дијалогот на синдикатите со Владата, со цел да се изнајдат прифатливи решенија за сите прашања, како што се големиот број договори на определено и на половина работно време, без социјално и здравствено осигурување.
Приходите на повеќето медиумски работници се пониски од просечната плата во државата. Често пати се занемаруваат и работничките права, како што е правото на годишен одмор, плаќање на прекувремени часови, ноќни смени или други законски додатоци. На голем број медиуми им недостига етички кодекс, како и можност за професионално и стручно надградување и кариерен напредок. Во Извештајот се забележува дека немањето сигурно вработување и тешките социо-економски услови придонесуваат за раст на самоцензурата и овозможува сопствениците на медиумите да влијаат врз уредувачката политика.
ЕК искажа забелешки за работата на онлајн медиумите, чија дејност не е регулирана со конкретен закон, а во општеството има различни ставови за тоа дали постои потреба од регулатива, особено имајќи ги предвид растечките закани од дезинформации. Еврокомисијата нотира дека порталите и социјалните медиуми се главен извор на дезинформации, говор на омраза и најчести прекршители на професионалните новинарски стандарди и на авторските права.
Светскиот ден на слободата на медиумите е вопоставен врз основа на одлука на Генералното собрание на Обединетите нации и по препорака на Генералното собрание на УНЕСКО од 1991 година.
Како ден за одбележување е годишнината од усвојувањето на Декларацијата Виндхоек за промовирање на независно и плуралистичко африканско новинарство од 1991 година, донесена од африканските новинари во градот Виндхоек, Намибија.
На 3 Мај се доделува и годишната награда на УНЕСКО Гиљермо Кано за слобода на медиумите. Наградата која се доделува од 1997 година, му оддава почит на некое лице, организација или институција за придонес во одбраната и/или промовирање на слободата на медиумите, особено кога се прави во случај на голема опасност.
Во светот, најслободни медиуми има во трите нордиски земји – Норвешка, Данска и Шведска, кои се посочуваат како демократски модел каде што слободата на изразување цвета.
Како „многу лоша“, пак, ситуацијата е класифицирана во досега рекордни 28 земји во светот. „Најлошо“ за медиумите и новинарите е во Мјанмар, Кина, Туркменистан, Иран, Еритреја и Северна Кореја.