ЕДЕН ДЕН СО КРАЛИЦА НА ПЕСНАТА ЕСМА РЕЏЕПОВА – ТЕОДОСИЕВСКА – III ДЕЛ
Во третото продолжение за читателите на порталот „Македонска нација“ ќе го презентираме делот од интервјуто со Есма Реџепова – Теодосиевска што го водевме во „Домот на хуманоста и Музејот на музиката на Есма и Стево Теодосиевски“ на 1 ноември 2014 година
КАТИН: Ве познаваат речиси насекаде, низ Балканот, низ светот. Со јубилејниот концерт прославивте 55 години од Вашата богата музичка кариера, кажете ни, колку беше трнлив патот додека стигнете на ова скалило каде што сте денес?
Есма Реџепова: Ги паметам моите почетоци како да беше вчера. Бев малечко девојче за кое велеа дека има несекојдневен глас, кое публиката многу бргу го засака. По само едно или две појавувања на Радио Скопје и неколку концерти во Македонија, станав миленик на публиката во Македонија, а многу бргу и низ цела тогашна Југославија.
Иако мојата слава растеше, мојот професор и ментор во тоа време Стево Теодосиевски, кој подоцна ми стана и сопруг, кога наполнив 17 години ми рече дека е време да научам да пеам, на што јас одговорив дека јас добро пеам и имам популарност, но тој рече дека публиката ќе престане да гледа дете во мене и дека треба да почнам со учење на уметничко пеење.
Почнав напорно да работа, две години вежбав секој ден по четири часа и тоа вроди со плод. Достигнав едно врвно ниво на уметничко пеење, од кое беше задоволна и мојата публика, но и мојот професор, кој имаше високи критериуми, кои требаше да ги исполнам. Потоа почнаа сами по себе да се редат успеси. Во текот на мојата 55-годишна кариера, настапив речиси насекаде во светот.
Есма со претседателот Иванов
Малкумина од нашите простори можат да се пофалат дека пееле во Париска Олимпија, во Операта во Сиднеј, во Карнеги Хол во Њујорк. Во 2011 година, во избор на Националното радио на Америка, бев избрана за еден од најдобрите 50 вокали во светот на сите времиња, што значи дека трудот што го вложив се исплатеше.
КАТИН: Сите овие 55 години концертите Ви се исполнети со илјадници гледачи и слушатели. Што ке и порачате на Вашата публика?
Есма Реџепова: На мојата публика и го должам моето големо име, затоа што тие ме направија голема. Тие доаѓаа сите овие 55 години на моите концерти, купуваа влезници, купуваа плочи, касети, ЦД. Затоа, тие се најзаслужни за тоа што е денес Есма Реџепова-Теодосиевска. Тие не ме изневерија во текот на целата моја кариера, така што и јас нема да ги изневерам. Им ветувам убави концерти, кои ќе бидат исполнети со емоции, но со мојата публика сакам да ги споделам овие моменти на среќа и возбуда и заедно со нив да ги испеам моите најголеми хитови.
КАТИН: Вашиот сопруг кој одамна не е со Вас, сите го паметиме по одличните настапи и концерти што тој ги одржуваше. Кажете ни, по што најмногу ќе го паметите Стево Теодосиевски?
Есма Реџепова: Прво, сакам сите Ваши читатели да знаат дека Стево Теодосиевски, покрај тоа што беше добар музичар и педагог, беше и врвен композитор. Негови композиции се: „Зошто си ме мајко родила“, „Свадба македонска“, „Милке душо“… и уште многу обнародени песни. Јас нема по што посебно да го паметам Стево затоа што сум секој ден заедно со него, со неговата музика. Една од неговите последни желби беше никогаш да не престанам да пеам, затоа што преку мене и неговите песни тој живее.
КАТИН: Која е разликата денес во однос на минатото кога Вие ја започнавте Вашата кариера?
Есма со пријатели
Есма Реџепова: Во времето на моите почетоци, опстојуваше само квалитетот. Тогаш, не се знаеше што е тоа плеј-бек. Сите ние пеевме во живо на програмата на Радио Скопје. Тоа беше една плејада на пејачи, кои секојдневно мораа да го докажуваат својот квалитет. Таков тип на пејачи беа Васка Илиева, Александар Сариевски, Никола Бадев, Кирил Манчевски, Виолета Томовска и нека ми простат колегите ако некого заборавив, мислам дека ја заборавив Анка Гиева.
Сега сè се почнува од плејбек и со разголеност, за да се дојде до слава. И денес постојат исклучоци, како што се Наум Петревски, Миле Кузмановски, Сузана Спасовска и др. Но сега им е полесно во секој поглед, затоа што сега има повеќе медиуми кои можат да ги промовираат, како и многуте фестивали на новосоздадена македонска музика, кои нудат можност да се препознае квалитетот.
КАТИН: Како Есма го започнува денот, што е тоа што Ве прави среќна и Ве исполнува во текот на еден ден?
Есма Реџепова: Сите што ме познаваат знаат дека најпрво сакам убаво да се наспијам за да ми тргне денот и кога немам никакви обврски сакам наутро подолго да сум во кревет. Јас себеси се сметам како обична жена и моето секојдневие не се разликува многу од секојдневието на останатите жени на моја возраст. Кога немам обврски, сакам да се дружам со моите пријателки, да гледам телевизија, да прочитам добра книга, но, сепак, најголемо задоволство ми причинува да се дружам со моите внучиња, како и секоја друга баба.
КАТИН: Кажете ми за Вашата кариера на политички план. Како се случи да станете почитуван член на Демократска алтернатива?
Есма Реџепова: Влегов во Демократската алтернатива (ДА) зашто знаев дека мојот претседател е личност од граѓанска провиненција. За никого не прашуваше кој е, од каде е и што е. Важно му беше да си човек. Знаев дека е чесен и така сѐ уште мислам за него. Секој одговара за своите постапки. И јас за моите, зашто така мислам. Циле многу луѓе го предадоа, можеби од интерес. Јас во Демократска алтернатива (ДА) влегов најмалку од интерес, туку сакав да помогнам на мојот народ, на мојата земја – Македонија.
Инаку, Демократска алтернатива (ДА) беше централистичка политичка партија во Македонија. Oснована e на 21 март 1998 година, од страна на професор д-р Васил Тупурковски, поранешен член на Претседателството на поранешна Југославија.
Пред парламентарните избори во 1998 година, ДА склучи предизборна коалиција со ВМРО-ДПМНЕ и заедно со неа победи на изборите и формира влада. Меѓутоа, на парламентарните избори во 2002 година, ДА не освои мандати во Собранието. Денес партијата, речиси и да нема политички ангажман. Потоа јас останав во коалициониот партнер ВМРО-ДПМНЕ.
КАТИН: Сега сте член на Советот на Скопје. Кажете ми нешто повеќе за Вашиот мандат во Советот?
Есма Реџепова: За првпат бев избрана за член на Градскиот совет на мојот роден град, Скопје, во 2005 година. Еве, сега за моја среќа, по трет пат сум во четиригодишниот мандат како член на Советот на Скопје.
Вториот пат, во февруари 2009 година, по предлог на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ станав член на Советот на град Скопје, заедно со професор д-р Владо Поповски, д-р Борче Георгиевски и Александар Бичиклиски. Еве, и во третиот мандат сум по предлог на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ.
Како естраден уметник со големо искуство и работа за хуманитарни цели, во сите мандати во Советот сум вклучена на полето на културата. Меѓу другото, јас сум поборник за почист и поубав изглед на нашата метропола. Затоа и го поддржувам проектот „Скопје 2014“.
Да се биде член на Советот, во исто време е и гордост и обврска. Јас таа обврска сум ја сфатила многу сериозно и посветено. Лично се залагам да се подобрат условите за работа и за живот на сите граѓани во мојот роден град, Скопје, без разлика на нивната возраст, националност, политичко, верско и друго убедување.
Јас сакам да ѝ служам на мојата земја – Република Македонија. Сакам да му служам на целиот народ. Се гордеам што нашата држава е една од ретките земји во светот каде Ромите се составен дел на целото општество и ги уживаат сите човекови и други права. Затоа, Македонија треба да служи како модел за Ромите за другите земји во светот.
КАТИН: На крајот kажете ми како го минувате слободното време и кога повторно би се родиле дали би промениле нешто во својот живот?
Есма Реџепова: Она малку слободно време што го имам, најмногу сакам да го поминам со моите внуци Есма и Стево. Сакам да ги слушам додека ми раскажуваат за училиштето, за другарчињата. Љубител сум на убава книга, добар филм, но секако дека сакам да се дружам и со пријателите. Во мојата куќа секогаш има место за моите пријатели и семејството. Кога повторно би се родила, би сакала повторно да сум Есма, би í се предала на уметноста, хуманоста, би пеела зошто песната е мојот живот.
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН