Советот на Европа мора да ја казни Бугарија и да и воведе санкции за да ја принуди да ги спроведе пресудите на Европскиот суд за човекови права, исто како и другите земји кои одбиваат да ги спроведат судските одлуки. Тоа е единствениот пат да се оди напред, побара пратеникот и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во обраќање на Парламентарното собрание на Советот на Европа во Стразбур.
Како што јасно се вели во резимето на овој Извештај, посочи тој, спроведувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права е приоритет за Парламентарното собрание и Советот на Европа. Николоски потенцира дека сите држави мора да ги спроведат, со добра волја и без одлагање, конечните обврзувачки пресуди на Европскиот суд за човекови права, а со цел за нивно навремено и ефективно спроведување, државите мора да имаат ефективни национални механизми за координација со доволна хиерархија и ресурси.
– Ќе зборувам за Бугарија која според овој Извештај е седма земја со најголем број нерешени предмети. Бугарија нема спроведено вкупно 166 пресуди на Европскиот суд за човекови права. Можете ли да замислите земја членка на Европската Унија, која става вето на мојата земја Македонија, која се обидува да ги отвори пристапните преговори со ЕУ, да не ги спроведува пресудите на Европскиот суд и во исто време да зборува за човекови права и владеење на правото во други земји, колку е срамно е ова! Исто така, во однос на водечките случаи под „засилен надзор“ Бугарија е на 6-то место од дното. Од сите овие случаи 16 се за основните човекови права на Македонците кои живеат во Бугарија, нагласи Николоски.
Како што соопшти ВМРО-ДПМНЕ, Николоски исткана дека има 16 пресуди на Европскиот суд за човекови права кои се однесуваат на Македонците во Бугарија и досега, потенцирал, ниту еден од нив не е спроведен од Софија.
– Ниту еден! Ова е силно поткопување на кредибилитетот на Судот и затоа Советот на Европа мора да дејствува. Во услови на војна во Украина кога не се почитуваат човековите права, вториот лош пример е Бугарија. Ова мора да престане, побара Николоски.
Во говорот тој истакна две од 16-те пресуди на Европскиот суд кои за него на многу симболичен начин покажуваат каде се наоѓа Бугарија во овој процес.
– Првата е за одбивањето да се регистрира „Македонски клуб за етничка толеранција во Бугарија“. Што е спорно ако е регистриран Македонски клуб за етничка толеранција, кога етничката толеранција е највисока цел на Советот на Европа? Втората пресуда се однесува и на „Општество на репресираните Македонци во Бугарија жртви на комунистичкиот терор“. Комунизмот владее во Бугарија 45 години и не гледам причина за Бугарија да не се соочи со своето минато и да не признае дека има жртви на комунистичкиот терор кои, меѓу други работи, страдале затоа што биле Македонци, рече меѓу другото во обраќањето Николоски.