Радев тврди дека повеќепати го канел Пендаровски во Софија и оти и помага, а не и одмага на Северна Македонија

Во последните години најмалку десет пати го поканував претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски да ја посети Бугарија, рече денеска бугарскиот претседател Румен Радев на маргините од конститутивната седница на новоизбраниот состав на Народното собрание, коментирајќи ја синоќешната изјава на шефот на македонската држава дека во последните две години немал ниту еден конструктивен разговор со претседателот на Бугарија.

– Во октомври, при отворањето на интерконекторот со моја помош кај претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, Република Северна Македонија доби финансиска помош од ЕУ за набавка на струја, истакна Радев.

Посочи и дека тој бил првиот што го покренал прашањето за македонските Бугари.

– Јас бев тој кој успеа да ги убеди сите европски лидери и институции, влезот на македонските Бугари во Уставот на Република Северна Македонија да стане задолжителен услов за почеток на преговорите за влез во ЕУ. Се надевам дека претседателот Пендаровски ќе сфати дека тоа ќе и помогне на неговата земја да раскине со идеологиите на тоталитарното минато и да тргне кон демократизација на државата, рече Радев.

Македонскиот претседател Стево Пендаровски синоќа во интервју за телевизија „Сител“ изјави дека нема контакти со бугарскиот претседател Румен Радев и дека последен пат кога се видел со него било минатата година на Мини самитот за енергетика во Софија. Пендаровски рече дека во изминатите две години немал ниту еден конструктивен разговор со Радев, потенцирајќи дека, според него, не постои клима на добрососедство.

– За танго треба двајца. Објективно изминативе две години Бугарија имаше серија на провокации кон нас и излезе со аргументи за наша блокада кон ЕУ каква што немало во историјата на ЕУ. Ниту една држава не блокирала друга држава со тоа што викала „Вие не сте тоа што мислите дека сте“. Да зборувате за идентитетска политика и да викате дека јас не сум Македонец и дека само ако ги сменам сите учебници ќе можам да напредувам кон Европа… Ние може да глумиме средби, но последниве две години практично немам ниту еден конструктивен разговор со Радев, изјави Пендаровски.