ГОЛЕМА ЉУБОВ, ПОЧИТ И КОПНЕЖ ЗА РОДНАТА МАКЕДОНИЈА – ДЕЛ ОД ПУБЛИКАЦИЈАТА „МАКЕДОНЦИТЕ ВО СВЕТОТ“ (ТРЕТ ДЕЛ) НА СЛАВЕ КАТИН 

ДЕЛ ОД ПУБЛИКАЦИЈАТА „МАКЕДОНЦИТЕ ВО СВЕТОТ“ (ТРЕТ ДЕЛ) НА СЛАВЕ КАТИН 

Преку информативните гласила во новите средини Македонците ги збогатуваат своите национални вредности со помош на културните институции во новите средини и на тој начин го збогатуваат мозаикот на мултинационалните култури во новите средини во иселеништвото. Затоа, во продолжение ќе презентираме дел од значајните медиуми во Австралија

          34. “Копнеж” (1984 – 1985).  Првиот број на информативното гласило “Копнеж” излезе во Адамстаун, населба во Њукасл, во април 1984 година. Тоа е печатено во вид на списание, еднаш месечно на 16 страници, среден формат (21 х 30 см.).  За период од две години, колку што излегуваше ова македонско гласило отпечатени се 11 броеви, од кои пет како списание (21 х 30 см.), а шест броеви во вид на весник во големина 29 х 42 см.

Бројот 11 од април 1985 година е последен отпечатен примерок на весникот “Копнеж”. Тој е со ист број страници (16) и формат како претходните. Во него на англиски јазик е дадена информација за условите за Регионалниот рехабилитационен сервис, а потоа следат текстови за одржувањето на забавата во организација на Фудбалскиот тим “Њукасл Македонија” и за Македонскиот радио-час. Посебно место е дадено за списокот на дарителите на средства за реновирање на салата во МПЦО “Св. Богородица”, за маскембалот под наслов “Фенси диско вечер”, што го одржаа младинците и на подолгиот текст од Доне Илиевски на англиски јазик за Првото собрание на македонското православно свештенство во 1943 година.

           35. “Духовна искра” (1984 – 1989).  Билтенот “Духовна искра” е орган на Македонската православна црковна општина “Св. Јован Крстител” од Џилонг, Викторија. Тој се печатеше во мал формат 14,5 х 21 см., на македонски јазик со кирилица, а повремено имаше и текстови на англиски јазик. Во првиот број од јануари-јуни 1984 година се содржани претежно материјали со религиозен карактер позајмени од Светото писмо, а е дадена и куса историја на Македонската православна општина “Св. Јован Крстител” од Џилонг, како и други вести и информации. И вториот број, кој е за периодот јули-декември 1984 година е отпечатен на 24 страници и со тврди корици.

Во него се поместени материјали со духовен карактер, потоа од животот на МПЦО “Св. Јован Крстител”, за историскиот прегоед на МПЦ од нејзиниот почеток до денес, со особена нагласка за активностите на Женската секција. Во 1989 година во издание на Македонската православна црковна општина “Св. Јован Крстител” од Џилонг е отпечатен посебен билтен, чиј уредник е протојереј Чедомир Илиевски. Во овој број целосно е пренесена само Божествената литургија на Свети Јован Златоуст.

1rod12

          36. “Македонски весник” (1985 – ).  “Македонски весник” е еден од позначајните македонски информатори во Австралија, што се печати на литературен македонски јазик, а има материјали што се објавуваат и на англиски јазик.

Првиот број на “Македонски весник” е отпечатен во јануари 1985 година во Рокдеил, населба на Сиднеј и збратимен град со Битола, како гласило на Центарот за информации и печат на Македонската етничка заедница од Сиднеј. Тој е печатен на 8 страници на формат 43 х 30 см., а од вториот број до денес се печати стандардно на 16 страници.  Излегува еднаш месечно (месечник), неколкупати се печати на петнаесет дена и еднаш во два месеца, по цена од 60 центи до еден долар.

Привременото престанување на печатењето на овој весник, не значеше крај. Повеќепати се правеа обиди за повторно покренување. Така, во ноември 1991 година, се направи обид за продолжување на животот на “Македонскиот весник” и е отпечатен еден број. Новиот број по форма, а и неговото клише на главата е ист како и претходните броеви. Тој е отпечатен со современа компјутерска техника на 16 страници, во кој преовладува македонскиот јазик, а има текстови и на англиски јазик.

37. “Весник” (1985).  Гласилото “Весник” е јубилејно издание на Македонската православна општина за Мелбурн и Викторија, а по повод 25-годишнината (1960 –1985) на Македонската православна црква “Свети Ѓорѓи” од Мелбурн, Викторија. Отпечатено е на 36 страници, без корици на формат списание 21 х 29 см. , на македонски јазик и латиница и кирилица.

Во овој број е објавен текст кој се однесува на историскиот јубилеј на првата Македонска православна црква во странство “Св. Ѓорѓи”, при што е дадена и Одлуката за отворањето на црквата и назначувањето нејзин свештеник, испратена од архиепископот Охридски и Скопски и прв митрополит Македонски г.г. Доситеј. На последната страница е објавена програмата по повод јубилејната прослава, како и други соопштенија за активностите што следат во наредниот период.

          38. “Македонски илинденски весник” (1986).  Весникот е орган на Македонската православна општина за Мелбурн и Викторија “Св. Ѓорѓи”, отпечатен е на 16 страници на формат 29 х 41,5 см., на македонски и англиски јазик со латиница, а само преземените текстови се со кирилица. Тој излезе во август 1986 година по повод Илинденските празнувања. Од изворните текстови треба да се истакне оној што се однесува на црковниот живот и активностите на Македонската православна црква “Св. Ѓорѓи

Прололжува

1SlaveK2Пишува: СЛАВЕ КАТИН