ИСТОРИСКИОТ РАЗВОЈ НА РОМИТЕ ВО СВЕТОТ

ИСТОРИСКИОТ РАЗВОЈ НА РОМИТЕ ВО СВЕТОТ

Меѓународниот ден на Ромите 8 Април се слави, речиси, во сите места во Република Македонија, каде според пописот од 2002 година, живеат околу 54.000 Роми или 2,66 отсто од вкупното население. Од 2007 година Владата на Република Македонија го усвои 8 Април да се одбележува како државен празник и неработен ден за Ромите во Македонија

Во Македонија и во светот на 8 Април се одбележува Меѓународниот ден на Ромите. Тоа е во чест на народот кој има индоевропско потекло од областа Пенџаб, кој нема матична држава и е раселен насекаде низ светот. На овој датум во 1971 година во Лондон почна Првиот конгрес на Ромите кој траеше до 11 април. По тој повод овој значаен ден Организацијата на Обединетите нации го прогласи за Светски ден на Ромите.

Се претпоставува дека во светот има 12 милиони Роми, иако според некои тврдења тој број е само за Европа. Ги има низ сите европски држави, во Азија, Африка, Австралија и во Јужна и Северна Америка. Најмногу се населени во Турција, околу пет милиони, по што следат Романија и Шпанија со по 1,5 милион, Унгарија со еден милион, Бугарија со 700.000 итн.

Во Македонија, Ромите се една од малцинските етнички групи. Според пописот од 2002 година, во Македонија живеат околу 53.879 Роми или 2,66 отсто од вкупното население. Општината Шуто Оризари е единствената општина во светот каде мнозинството се Роми, а воедно и единствена општина во светот каде ромскиот јазик е официјален јазик, покрај македонскиот. Исто така, Македонија е единствената земја во светот каде со Уставот од 2001 година, Ромите  се признати како народ.

Треба да се нагласи дека Меѓународниот ден на Ромите 8 Април се слави, речиси, во сите места во нашата држава. Ромите се населени претежно во градовите и дури 95 отсто од македонските Роми живеат во градските средини. Во 2007 година по предлог-амандман од тогашниот ромски пратеник, м-р Шабан Салиу, од Владата на Република Македонија беше усвоено 8 Април да се одбележува како државен празник и неработен ден за Ромите во Македонија.

Првите доселувања на Ромите на територијата на Македонија биле забележани во XIV век. Нивното главно доселување било за времето на турските освојувања на Македонија кон крајот на XIV и почетокот на XV век, кога тие работеле како слуги на турските генерали и големци.

1es12 Есма

Постои теорија дека и Ромите се доселени во Македонија уште од времето на Александар Македонски, бидејќи работеле како ковачи за неговата војска при освојувањето на Египет. Оваа теорија ја застапуваат дел од Ромите кои себеси се нарекуваат Египќани или Еѓупци и се сметаат за посебна етничка група  од Ромите и кои претежно живеат во Охрид, Струга и Ресен.

По религија мнозинството Роми се муслимани, но постои и мал број Роми со христијанска и друга вероисповед. Ромите со христијанска вероисповед се познати под името Масарманги или Масрманговци и живеат во повеќе градови од источна и југоисточна Македонија. Исто така, мал број припаѓа на бекташката секта и други протестански цркви.

Кога се зборува за ромската музика во Македонија, пак, секогаш се асоцира на Есма Реџепова и Ансамблот „Теодосиевски“. Тие се изведувачи и афирматори, пред сè, на ромската, но во исто време и на македонската песна и музика, или на заедничкиот музички фолкор.

Инаку, народната ромска песна и музика се пренесува од колено на колено по пат на усни преданија. Во Македонија постојат голем број народни песни и игри кои го одразуваат животот, работата и обичаите на луѓето кои живеат во неа. Голем дел од оваа музика има свои карактеристични национални белези.

Кога се зборува за македонската народна музика, пак, треба да се нагласи дека таа претставува синтеза на она што македонскиот народ го понел од далечните времиња, од она што го наследил во денешната своја татковина и од пошироката средина. Затоа во неа се среќаваат антички, римски и други елементи, како што се, на пример, русалиите во Гевгелиско, потоа византиското влијание врз духовната музика, ориенталните состави на чалгаџии и зурли, западноевропски влијанија на староградски песни и друго.

Според содржината и кореографијата македонските народни игри и песни можат да бидат обредни и световни. Од обредните игри ќе ги наброиме: додолските, коледарските, русалиските и др. Во световните игри спаѓаат тие што се поврзани со животот и работата на македонскиот народ како што се: борбените, свадбарските, жетварските, хумористичните, љубовните и др. Во разни краеви на етничка Македонија тие имаат различни имиња, во зависност од местото и начинот на изведувањето.

Чалгијата е типична „староградска музика“, која веќе долго се негува во многу градови, особено во Велес, Охрид, Битола и Солун и со себе носи силни ориентални влијанија, како што може да се забележи по стилот на изведбата. Меѓутоа, со време, македонската чалгија се здобила со специфичен тонален дијалект и израз. Чалгии се свират на свадби, верски празници (Божиќ, Велигден и др.), обреди, панаѓури итн.

Ромската музика, пак, за која често се користи увредливиот збор  „циганска музика“,  е музика на ромскиот народ,, кој потекнува од просторите на северна Индија, а денес претежно живее на европските простори. Поради номадскиот начин на живеење таа е различна и со различно влијание. Од тие причини, речиси на сите простори каде живеат Роми, нивната музика е прифатлива од широките маси и многу е популарна.

Како резултат на долгите патувања на тие „талкачи по светот“, како често ги нарекуваат Ромите,  ромската музика попримила разни влијанија, како што се: индиско, македонско, арапско, елинско, персиско, турско, чешко, словачко, румунско, германско, данско, француско, шпанско и други влијанија.

Инструменталното следење на ромската музика се разликува од регион до регион во кој живее дотичната ромска заедница. Големо и видливо е влијанието на ромската музика во Источна Европа, посебно во Романија на поранешните југословенски простори во Шпанија и на други места.

Друга карактеристика која обединува голем дел од ромската музика е танцот – играта. Елементите на играта често имаат силно влијание на земјите источно од Европа. Според разликите на танцот, на јазичниот дијалект, музиката и изведбата има многу ромски изведувачи на ромска песна и музика кај кои се среќаваат слични елементи со други ромски групи, без разлика на времето на нивното постоење.

Денешната ромска песна и музика во Македонија е спечифична и типична за Ромите на овие простори. Така, песните и јазикот на кој ги изведуваше Кралицата на ромската музика Есма Реџепова–Теодосиевска  се со свои уникатни елементи за Ромите во Скопје и околните места. Затоа, нејзината изведба предизвикуваше интерес не само кај Ромите во Македонија и на Балканот, туку и кај Ромите и сите народи  во целиот свет.

Постојат голем број познати и признати Роми во областа на песната, изведувањето на музиката, танцот и другите гранки на културата. Едни од познатите и признатите изведувачи на ромската песна и музика во Македонија, на Балканот и во светот се, секако, Есма Реџепова и Ансамблот„Теодосиевски“.

Инаку, генералниот секретар на Советот на Ромите во Европа, Торбјорн Јагланд, по повод Меѓународниот ден на Ромите – 8 Април, во 2014 година во едно од своите интервјуа изјавил дека Ромите придонеле многу за европската култура. Тој како пример ги навел композиторите Лист, Брамс и Верди кои биле под влијание на ромската музика и дека фламенкото е инспирирано од ромскиот танц. Јагланд додал дека популарни изведувачи и глумци, вклучувајќи ги и Чарли Чаплин и Јул Бринер тврделе дека се од ромско потекло.

78900012 Ромски игри

Сепак, тажната реалност е дека повеќето од десет милиони Роми во Европа сѐ уште живеат во сегрегација и тешка сиромаштија. И покрај европските програми да им се помогне на Ромите да се интегрираат во општеството, напредокот е бавен. Ромите се соочуваат со дискриминација во медиумите, во политиката и на  работните  места.

Исто така, тој нагласил дека Ромите сѐ уште живеат во гета, и нивните деца посетуваат сегрегирани училишта. Општинските услуги за домување, образование и здравствена заштита, често не ги искористуваат. Отпорноста и предрасудите против Ромите од делови на населението се дел од тешкотиите со кои се соочуваат Ромите. Градоначалниците и локалните совети во градовите како Дисбург, Германија и Стразбур, Франција, заслужуваат пофалба затоа што напорно работат да најдат соодветни решенија“, изјавил Јагланд.

Ромите во светот имаат своја химна која е омилена кај сите изведувачи на ромската песна, особено кај Есма Реџепова–Теодосиевска. Тоа е песната Џ(Ѓ)елем, џ(ѓ)елем. Оваа песна која често се користи како химна на ромскиот народ ја составил Жарко Јовановиќ. Насловот е адаптиран во многу земји од страна на локалните Роми, со цел да одговара на нивниот мајчин јазик и правопис и дијалектот на ромскиот јазик. За првпат била изведена на Првиот светски ромски конгрес одржан во 1971 година во Лондон. Исто така, Ромите во светот  имаат и свое знаме.

Продолжува

1SlaveK2 Пишува: СЛАВЕ КАТИН