Поголемата свест за Европската Унија креира историска можност 2030 година да бидеме сите внатре во ЕУ. Дали ќе ја искористиме таа шанса или ќе го повториме тоа што ни се случи пред 15 години како со Грција останува во наши раце. Дали ќе се изолираме или ќе бидеме дел од овој брз воз што не води директно во Брисел е одлука на секој пратеник во Собранието, рече министерот за надворешни работи Бујар Османи одговарајќи на прашање на денешната заедничка прес-конференција со министерката за Европа и надворешни работи на Албанија, Ољта Џачка.
Според него, не е фер да бараме од Албанија, ако не успеме да ги направиме уставните измени, да застане и да не продолжи, бидејќи, како што рече, процесот е индивидуален се базира на меритократија на секоја држава посебно.
Албанската министерка Џачка исто така нагласи дека уставните измени треба да се направат и оти сите политички чинители треба да бидат свесни.
-Мислам дека уставните измени треба да се направат и сите треба да бидат свесни дека преку едно такво дејство ќе се отвори патот на интеграциите, а што се однесува до нас ние сме рамо до рамо и координирани во овој процес и многу е важно бидејќи ова е еден миг кој има нова динамика имајќи го предвид фактот дека ЕУ е посвесна за потребите за инвестиција во нашиот регион и посвесна за колку е поврзан целиот процес на проширување. Важно е за сите политички чинители дека ова е момент кој не треба да се пропушти, отворена е можност да одиме побрзо по овој пат и овој процес и ако некој остане назад ќе остане назад во неповолноста за нивните граѓани затоа оваа работа не треба да се дозволи, нагласи Џачка.