Пораки од Берлин – уставните измени се неопходни и тие не смеат да станат политичко јаболко на раздорот меѓу партиите

Шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок вчера од Скопје порача дека е неопходно да се направат уставни измени со цел официјално да започнат преговорите за членство. Таа нагласи дека ако не сакаме сите млади да заминат во Европа, тогаш Европа треба да ја донесеме овде. Бербок рече дека разбира оти промената на Уставот не е лесна работа, но нагласи и дека тоа не смее да стане политичко јаболко на раздорот во натпреварот за популарност на политичките партии во анкетите. Премиерот Димитар Ковачевски вчера негираше дека има пратеници од владејачкото мнозинство, односно од СДСМ, кои се против уставните измени. Според него, тоа што го кажува опозицијата нема реална основа. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, пак, на средбата со Бербок, рече дека „уставни измени под бугарски диктат нема да има и дека овој пратенички состав нема мандат добиен од граѓаните да учествува во таков процес“.

Германската министерка на заедничката прес-конференција со нејзиниот македонски колега Бујар Османи, најави дека ќе дојде пак во Скопје во декември, бидејќи, како што појасни, треба да се разговара со сите демократски фактори во земјата.

– Сакам да ја изразам мојата почит и признание колку досега Северна Македонија консеквентно чекореше по европскиот пат. Знаеме какви компромиси и отстапки Вие направивте за сево ова, поаѓајќи од промената на името на земјата, па се до постигнувањето на согласност за промената на Уставот минатото лето. Знам дека договорот што го постигнавте со Бугарија не беше лесно за вас и затоа им се обраќам на сите оние луѓе кои се уште чувствуваат некаква нелагодност во однос на тоа. Уставот не е нешто што се менува постојано, туку тоа се важни чекори и затоа и можам да разберам дека се дебатира за тоа – особено кога станува збор за сопствениот идентитет и сопствената историја, јазик и култура, рече Бербок.

Според неа, затоа е многу важно „во вакви моменти кога станува збор за сопствениот идентитет да не се водат црно-бели дебати, туку да се зборува поинаку во политиката“.

– Важно и значајно беше што Вие го трасиравте овој пат особено во однос на посебните предизвици. Со оваа храбра политичка одлука можат пристапните преговори официјално да започнат и Вие со оваа политичка одлука и политички капитал испративте јасен сигнал до целиот регион – го сакаме приемот во ЕУ и ќе направиме се што е неопходно за тоа. Кога станува збор за спроведување на договореното и кога навистина мора да се промени Уставот, тогаш можам само да ве охрабрам – искористете ги сите расположливи средства процесот да продолжи во наредните месеци, да не се случи да не успеете на оваа клучна пречка, нагласи Бербок.

Договорената промена на Уставот, истакна Бербок, не смее да стане политичко јаболко на раздорот во натпреварот за популарност во анкетите или натпреварот во тоа која партија на крајот на изборите би можела да има некаква предност.

– Демократијата е понекогаш напорна, но мислам дека ние доживеавме дека овие напори коишто стопати се изразуваат во компромиси дека секој нешто мора да даде, никој не може да се наметне со стопроцентна замисла овие компромиси, овие демократски компромиси вредат за секој напор. Тие се најдобра заштита за тоа нашите деца во иднина да можат да живеат во мир и во слобода, без масивна зависност, без мешање од други актери кои во овој мир и оваа слобода на државите но и на луѓето ја поткопуваат, рече Бербок.

Претходно, Бербок во интервју за Дојче веле рече дека очекува широка поддршка во Парламентот за уставните измени и тргање настрана на партиските интереси.

Таа вели дека не смеат да се изневерат очекувањата на големото мнозинство граѓани во земјата.

– Големите надежи и очекувања, кои луѓето во Северна Македонија ги имаат за пристапниот процес, за нас се шанса и опасност истовремено. Опасност, затоа што би можеле да ги загубиме Македонките и Македонците за Европа, доколку како ЕУ ги изневериме нивните очекувања и покрај сиот напредок и болните отстапки кои ги направија во изминатите 17 години. Шанса, затоа што на сите учесници во процесот на проширување на ЕУ им е јасно за што всушност се работи: за иднина во европското семејство, за регион со стабилна добросостојба и мир, за самоопределување, рече шефицата на германската дипломатија.

Ковачевски, пак, вчера рече дека не е точно оти има пратеници од владејачкото мнозинство, односно од СДСМ, кои се против уставните измени. Според него, тоа што го кажува опозицијата нема реална основа. Процесот на устави измени, вели тој, не може да биде процес на уцени и на дневна политика, туку тоа треба да биде процес на широк, општествен и политички консензус.

Во однос на уставните измени, тој рече дека овој процес не може да биде процес на уцени и на дневна политика, туку напротив овој процес треба да биде процес на широк, општествен и политички консензус кој нема да биде предмет на дневни прес-конференции.

– Уставните измени се обврска на секоја политичка партија која што е за зачленување на нашата држава во ЕУ. Амандманите коишто се дел од преговарачката рамка и коишто се дел од одлуките кои треба да се донесат со две третини во Собранието се само една од одлуките кои се носат со двотретинско мнозинство, рече Ковачевски.

До зачленување во ЕУ, како што повтори премиерот, на нас ни претстои реформа на правосудниот, обвинителскиот систем, реформа на јавната администрација, реформа на децентрализацијата и се тоа се одлуки коишто се носат со две третини.

Тој потсети дека ВМРО-ДПМНЕ не подржаа ниту една одлука за зачленувањето во НАТО, ниту пак присуствуваа на гласањето за договорот со ФРОНТЕКС.

– Затоа треба да седнат да размислат и она што декларативно го кажуваат да го покажат реално. Јас верувам дека во нашата опозиција има пратеници, има политички структури, има политички личности кои сакаат да ја видат оваа држава во ЕУ. Кога зборуваме за опозицијата таму треба и многу јасно да се постави прашање кој каков став има, бидејќи јас се повеќе гледам дека еден став има актуелниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, а друг став има поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, така што ќе треба да се видат и ставовите во однос на финалниот став на таа политичка партија, смета премиерот Ковачевски.

За тоа како ќе се стаса до двотретинско мнозинство за уставни измени и дали премиерот ќе има поединечни средби со ВМРО-ДПМНЕ, Ковачевски вели дека тој нема да свика лидерска средба со оглед на тоа што, според него, во овој момент нема потреба од такво нешто. Исто така, тој рече дека не одржува ниту поединечни средби.

– Сите претседатели на политички партии, па и истите пратеници ќе ви кажат дека јас поединечни средби не одржувам. Тоа се однесува како на пратениците од мојата пратеничка група од СДСМ, така и на сите други пратенички групи, освен ако не се работи за некое прашање каде што пратеник разговара за време на пратенички прашања или за време на пауза за некои законски решенија коишто се носат со претседател на Владата. Меѓутоа, такви одвоени средби јас ниту сум практикувал, ниту практикувам, ниту ќе практикувам, рече Ковачевски.

ВМРО-ДПМНЕ, потенцира тој, мора да одлучи дали тоа што го зборува по амбасади – дајте ни власт и безусловно ќе го промениме Уставот, ќе го каже и пред народот, односно дали ги лажат амбасадите или го лажат народот.

– Значи, прво тоа прашање ќе мора да го одговорат како раководство, па потоа да можеме да продолжиме со дискусијата, рече Ковачевски на прес-конференција во Владата.

Шефот на дипломатијата Османи, пак, рече дека овој парламентарен состав треба да ги заврши уставните измени, бидејќи во спротивно ќе останеме изолирани во наредните десет години, а треба само да се потврди тоа што веќе го има во Уставот.

Тој ги отфрли тврдењата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека уставните промени се прават под „бугарски диктат“, нагласувајќи дека станува збор за изнаоѓање начин заеднички да се излезе од дебатата од историски причини.

– Кога ги почнавме разговорите со Бугарија единствено прашање беше како дебата за историските интерпретации да се разгледа во европскиот процес. Ние не прифативме односите со Бугарија да ги диктираат историските интерпретации, туку на прашањето дека има бугарско малцинство овде кое што ги заслужува сите права како и сите други граѓани, ние немавме ништо спорно. Дури напротив, ние сме познати и препознати во светот по однос на индивидуалните и колективни права. Тоа е наш терен, таму ние играме најдобро и затоа топката ја префрливме од историските интерпретации во прашања на човекови права, на малцинствата, појасни Османи.

Тој подвлече дека веќе кажал оти Бугарите се и сега во Уставот во категоријата „и други“, а тоа може да го потврди и Уставниот суд, кој вели, во таа категорија ќе ги наброи сите тие коишто се произлезени од пописот од минатата година.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на средбата со министерката за надворешни работи на Германија, Бербок, рече дека „уставни измени под бугарски диктат нема да има и дека овој пратенички состав нема мандат добиен од граѓаните да учествува во таков процес“, соопшти партијата.

– Уставни измени под овие услови не прифаќаме. Нудиме план како земјава да дојде до преговорите со ЕУ. Планот е базиран на три столба: национален, политички и економски, а првата точка од него се предвремени избори. Да организираме предвремени избори и без техничка Влада, последна дата нека биде 11 јуни. Нека остане Оливер Спасовски министер за внатрешни, нека останат и замениците министри од оваа Влада, рече вечерва претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Во гостувањето на Канал 5 телевизија, Мицкоски откри дека се соочува со притисоци и непријатни состаноци, но нема да попушти, како што потенцира, ниту милиметар. Тој напомена дека е многу важно претставниците на меѓународната заедница да гарантираат дека Бугарија никогаш повеќе нема да не блокира поради идентитетски и историски прашања. Во спротивно, истакна, со промената на Уставот, ќе станеме вечни преговарачи иако сме многу понапред од некои земји – членки на ЕУ во одредени области.

Шефицата на германската дипломатија за време на посетата на Скопје оствари средби и со претседателот Стево Пендаровски и со премиерот Димитар Ковачевски, на кои било подвлечено дека Германија стои до Северна Македонија за следниот исчекор на земјава во европските интеграции.