Претседателот Стево Пендаровски денеска во Париз оствари средба со генералната директорка на УНЕСКО, Одре Азуле.
На средбата, како што соопшти кабинетот на претседателот, е разговарано за севкупната соработка со УНЕСКО, во контекст на 30-годишнината од нашето членство во организацијата, како и за можностите за нејзино проширување преку реализација на проекти од областите на културата, образованието, науката, животната средина, информатичко- комуникациските технологии, програмите за млади, граѓанското општество и човековите права.
Претседателот Пендаровски истакнал дека земјава придава големо значење на соработката со УНЕСКО, ги промовира и учествува во нејзините активности и иницијативи, а реализира и активна и конструктивна соработка со другите држави членки на оваа организација.
Претседателот се заблагодарил на генералната директорка што УНЕСКО го препозна значењето на македонскиот поет Ацо Шопов и се вклучи во одбележувањето на 100-годишнината од неговото раѓање, оценувајќи го како признание за вредностите што Шопов ги промовирал преку неговото богато творештво.