Започнатите пристапни преговори за членство на земјата во Европската унија, реформскиот процес и конзистентната политичка и техничка поддршка на Романија во тој контекст, беа во фокусот на разговорите на на денешната средба на министерот за надворешни работи Бујар Османи со специјалниот романски пратеник за Западен Балкан, амбасадорот Адриан Давидоју, кој престојува во работна посета на нашата држава.
Како што соопшти Министерството за надворешни работи, на средбата, исто така, е направен осврт и врз планираните уставни промени, со кои дополнително ќе се зајакнат демократските капацитети на нашата држава и општество.
Османи ја поздрави одлуката за назначување на специјален претставник за Западен Балкан, како израз на интересот на Романија за севкупните процеси во регионот, вклучително и во Северна Македонија.
Соговорниците разменија мислења и за предизвиците на претседавањето на земјава со ОБСЕ и беа презентирани досега преземените активности на нашето претседавање со Организацијата во 2023 година. Се разговараше и за нашето претседавање со Иницијативата САД-Јадранска повелба, како и подготовките за претседавањето со Процесот за соработка во Југоисточна Европа, што започнува во јули.
Во однос на последната средба на делегациите на Косово и Србија, нагласено е дека изнаоѓањето решение за отворените прашања е од суштинско значење за целиот регион, а одлуката разговорите да се реализираат во Охрид, претставува важно признание за Северна Македонија.