Министерката Славјанка Петровска и претседателот на Евроатлантскиот совет на Северна Македонија Исмет Рамадани денеска потпишаа Меморандум за соработка кој предвидува голем број на заеднички активности со една основна цел – развој на демократијата и зацврстување на евроатлантските вредности во македонското општество, соопшти МО.
Министерката Петровска на состанокот порача дека невладиниот сектор има значајна улога во развојот на општеството и порача дека како и досега, Министерството за одбрана останува посветен партнер во реализацијата на активностите на оваа организација.
-Евроатлантскиот совет е столбот на атлантизмот во државата. Вашата посветена работа во ширењето на евроатлантските вредности, особено кај младите кои се и нашите идни лидери е од круцијално значење за развојот на нашето современо, европско и демократско општество, рече министерката и додаде дека Евроатлантскиот совет секогаш на Министерството може да гледа како партнер и силен поддржувач.
Претседателот на Евроатлантскиот совет, Рамадани се заблагодари за континуираната поддршка од министерката Петровска и Министерството и порача дека заедно и здружени можеме да ги внесеме евроатлантските вредности кај младата популација, која покажува силен интерес за сето она што претставува Алијансата и за нејзината улога во заштитата на безбедноста и стабилноста на територијата на НАТО.
– Се согласивме да ги обединиме силите за промоција на евроатлантските вредности, јакнење на капацитетите и забрзување на реформите, како и целосна поддршка на демократијата, човековите права и владеењето на правото. Во наредниот период, ќе се работи на многу заеднички проекти, тренинзи и иницијативи преку неколку програми за различни групи на граѓани. Веќе од крајот на март 2023, предвидено е заедничко одржување на неколку настани по повод членството во НАТО и денот на НАТО, истакна Исмет Рамадани, претседател на Евро-атлантскиот совет за време на потпишувањето на Меморандумот.
Меморандумот за соработка опфаќа поголем сет на заеднички активности меѓу кои и меѓусебна поддршка во активностите за справување со хибридни закани, особено борбата со дезинформациите кои имаат потенцијал да ги поткопаат демократските вредности и слободи, се вели во соопштението од МО.