Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска ќе престојува во официјална посета на Кралството Шведска, актуелен претседавач со Советот на ЕУ. Во делегацијата на министерот Османи е и претседателот на парламентарната Комисија за европски прашања Арбер Адеми.
Османи, како што соопшти МНР, ќе оствари средба со својот шведски колега, министерот за надворешни работи Тобиас Билстром, како и со претседателот на шведскиот Парламент Андреас Норлен и со генералниот директор на Шведската развојна агенција (SIDA) Карин Јемтин.
-Во фокусот на разговорите со соговорниците ќе биде нашиот пристапен процес во ЕУ и приоритетите на Шведска за Западниот Балкан во рамки на актуелното претседавање со Европската унија, нашето претседавање со ОБСЕ со акцент на политичко-безбедносните прашања во светло на руската инвазија врз Украина, стабилноста и безбедноста на регионот на Западен Балкан, билатералните односи и шведската развојна помош за нашата држава, информира МНР.