Според Фон дер Лајен, Србија и Косово треба да го прифатат европскиот план за нормализација на односите

Србија и Косово треба да го прифатат планот на ЕУ за нормализација на односите, кој е клучен за стабилноста на целиот регион, изјави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

– Постои план на Европската унија за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина. Мислам дека тоа е можност за двете страни да го искористат моментот бидејќи нормализацијата е клучна за безбедноста, стабилноста и просперитетот на регионот“, рече Фон дер Лајен во разговор со дописниците од новинските агенции кои учествуваат во заедничката европска редакција (ENR).

Последна средба во рамките на дијалогот меѓу Белград и Приштина со посредство на ЕУ  се одржa на 27 февруари. Високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел, во средата изјави дека српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти го прифатиле предложениот договор и дека следат преговори за негова имплементација.Во текстот на Спогодбата се наведува дека двете страни ќе развиваат „нормални, добрососедски односи засновани на еднакви права“, дека „меѓусебно ќе ги признаат документите и националните симболи, вклучувајќи пасоши, дипломи, регистарски таблички и царински печати“.

Следната средба меѓу Вучиќ и Курти ќе се одржи на 18 март во Охрид, во присуство на високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел и специјалниот пратеник за Западен Балкан Мирослав Лајчак.

Европската страна очекува договор за планот за спроведување на основната Спогодба за нормализација или барем значителен напредок.

– Се надевам дека двете страни ќе бидат многу конструктивни во претстојните разговори, рече Фон дер Лајен.

На прашањето дали ќе има последици доколку преговорите во Охрид не бидат успешни, Фон дер Лајен рече дека „прво треба да се преговара, па дури потоа да се погледне резултатот“.

Таа рече дека рускиот напад врз Украина ја истакна новата стратешка важност на процесот на проширување на Европската Унија.

– Војната во Украина ја истакна новата стратешка важност на проширувањето. Сакаме да ги приближиме нашите партнери од Западен Балкан што е можно побрзо до Европската Унија, истакна претседателката на Еврокомисијата.