Гир: Нема толеранција за корупцијата, потребна е промена на системот

Немам увид во поединци кои би можеле да бидат цел на санкции, изјави амбасадорот на Европската Унија во земјава Дејвид Гир на прашањето дали Брисел е запознат за лица поврзани со висока корупција, откако американската амбасадорка Анџела Агелер соопшти дека едно до две лица ќе бидат на црната листа на САД.

Евроамбасадорот нагласи дека кога е во прашање корупцијата, нема толеранција и не се работи за идентификување поединци, туку за промена на системот.

– Прашањето за корупција е многу важно што навлегува во сржта на пристапниот процес. Тоа е толку многу важно што го вклучивме во основите. Ја испитуваме борбата со корупцијата и се трудиме да се бориме со неа во секоја фаза од целиот тој процес. Тука не се работи за идентификување поединци туку за промена на системот за институциите да можат да се борат, да се справат со корупцијата и сите да знаат дека не постои толеранција за корупцијата. Тоа е долгорочен процес во кој сме вклучени и таму имаме важна улога. Владата ја има водечката улога, но има и други, како граѓанското општеството, бизнисите, како и политичките партии. Но не, немам некој увид во поединци кои би можеле или не би можеле да бидат цел на санкции, рече Гир, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција по официјалните обраќања во Владата по повод буџетската поддршка од 80 милиони евра од ЕУ за справување со енергетската криза.