Вицепремиерката Грковска во посета на Австрија

Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска е во тридневна работна посета на Виена, каде ќе има средба со австриската министерка за правда, Алма Задиќ, со цел продлабочување на соработката меѓу двете држави.

Како што соопштија од владината прес служба, во рамки на посетата вицепремиерката Грковска ќе се сретне и со претседателот на Уставниот суд на Австрија, Кристоф Грабенвартер. Таа ќе има работен состанок со генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Шмид, а свое обраќање во врска политиките за родова еднаковст и женските права ќе има пред Постојаниот совет на ОБСЕ.  

На покана на францускиот амбасадор во Австрија, Жил Пекот и постојаната претставничка на Франција во ОБСЕ, амбасадорката Кристин Фагес, вицепремиерката Грковска ќе има обраќање и на приемот посветен на Меѓународниот ден на жената, 8-ми Март, на тема „Жените, мирот и безбедноста“.

Во агендата на вицепремиерката се предвидени и средби со директорот на „Транспаренси Интернешнл“ – Австрија, Лука Мак и со високи претставници на Обединетите Нации во Австрија, како и со Канцеларијата на Обединетите Нации за дрога и криминал.