Велика Британија и Германија првпат ќе учествуваат во заедничките воздушни мисии на НАТО во Естонија

Британски пилоти за првпат заедно со германското воено воздухопловство ќе извршуваат мисии за воздухопловна полиција во Естонија, јави ДПА.

Ова е во рамки на подготовките на Велика Британија да го преземе од Германија раководството на мисиите на НАТО во Естонија.

Во првите досега „интегрирани“ мисии, кои британскиот министер за одбрана Бен Волас ги опиша како демонстрација на „единството“ во НАТО, ќе учествуваат борбени авиони „тајфун“ од британските и германските воздухопловни сили.

Министерството за одбрана на Велика Британија соопшти дека околу 300 војници од британските воздухопловни сили наскоро ќе пристигнат во Естонија. Обединетото Кралство ќе го преземе водството на воздухопловната полициска мисија на НАТО на четири месеци, од април.

Волас рече дека британските сили во Естонија „преземаат витална улога во обезбедувањето на небото на Европа и зајакнувањето на присуството на НАТО во Источна Европа“.

Британскиот секретар за одбрана во сенка, Џон Хили, рече дека посветеноста на опозициската Лабуристичка партија за соработка со сојузниците во НАТО, како што е Германија, е „непоколеблива“ и предупреди на опасностите од кратењето на одбранбените проекти.