Во Софија се одржаа конзуларни консултации меѓу министерствата за надворешни работи Северна Македонија и Бугарија

Во Софија вчера се одржале конзуларни консултации меѓу Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија и Министерството за надворешни работи на Република Бугарија на ниво директори за конзуларни работи.

Како што соопшти денеска МНР, на консултациите се разгледани повеќе прашања од конзуларната област, а кои директно ги засегаат граѓаните на двете држави.

-Посебно внимание беше посветено на начините за подобрување на меѓусебната комуникација во врска со измените на законодавството за влез и престој на територијата на секоја од земјите и неговата примена, взаемното информирање за задржани граѓани, соработка при конзуларни случаи, особено кога е потребна помош како на пример лекување или репатријација, начинот и постапката за издавање на документи од матичните книги, воспоставување на точка за директна комуникација во итни случаи и други прашања од областа. Обете страни изразија задоволство од досегашната соработка во конзуларните работи, споделија информации за предизвиците со кои се соочуваат и разменија предлози за унапредување на соработката, стои во соопштението на МНР.

Конзуларната соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија се одвива врз основа на конзуларната конвенција склучена меѓу двете држави во 1999 година. Конзуларните консултации се реализираа на иницијатива на Министерството за надворешни работи на Северна Македонија, и се први од таков вид во изминатава декада, додаваат од МНР.