Митрополит Тимотеј: Го очекуваме доаѓањето на Вселенскиот Патријарх и доделувањето на Томосот

Утрово со празничната Литургија во чест на светиот Партениј Лампсакиски, во Бигорската Обител чиноначалствуваше Митрополитот на Имврос и Тенедос г. Кирил, во сослужение со Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј и епископот Антаниски г. Партениј.

Митрополитот на Имврос и Тенедос г. Кирил на владиката Тимотеј му подари сребрен јубилеен медалјон, во чест на 30-годишнината од патријаршиската служба на патријархот Вартоломеј.

Притоа, владиката Кирил на владиката Тимотеј му искажа голема почит и поддршка за долгогодишната пастирска служба и борбата за афирмација на нашата Црква, на што Митрополитот дебарско-кичевски возврати со достоинствена благодарност, поканувајќи го и изразувајќи желба дека патријархот Вартоломеј за скоро време ќе ја посети РС Македонија и Охрид и ќе го додели очекуваниот Томос за автокефалност од Првопрестолната Вселенска Патријаршија.

На литургијата присуствува голем број верници, од сите делови на државава, кои со посебна почит му го честитаа именденот на владиката Партениј.

– Високопреосвештениот митрополит на Имврос и Тенес г. Кирил, висок претставник на Вселенската Патријаршија, престојува во посета нашата Обител, како голем пријател на нашата Црква и претставник на Неговата божествена Сесветост, Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј, носејќи ги неговите поздрави и благослови за именденот на владиката г. Партениј. Владиката Кирил доаѓа од Имврос, родното место на Вселенскиот Патријарх, каде што ја извршува својата архијерејска должност, информираше претходно отец Кирил.

Освен посетата на Митрополитот на Имврос и на Тенедос, во Бигорскиот манастир, по повод празникот на Свети Партениј Лампсакиски и именденот на игуменот епископ г. Партениј, допатува и познатиот атински хор по источно православно црковно пеење „Тропос“, кој важи за еден од најдобрите хорови во православниот свет.