Американскиот претседател Џо Бајден, кој денеска допатува во ненајавена посета на Киев на Украина и ја пренесе поддршката од САД и меѓународната заедница.
Американскиот претседател вели дека „сликовито се сеќава“ на почетокот на војната, кој ќе биде одбележан во петок, кога украинскиот лидер Володимир Зеленски пријавил експлозии во Киев. – Една година подоцна, Киев опстои, Украина опстои, и демократијата опстои. Американците стојат со вас, и светот е со вас, потенцираше Бајден.
Тој додаде дека има „целосна доверба“ дека Украина ќе победи против Русија во „најголемата копнена војна во Европа во последните три четвртини од векот“, пренесува Скај Њуз.
Бајден рече дека целта на рускиот претседател Владимир Путин да ја „збрише Украина од мапата“ пропаѓа и додаде дека десетици илјади Руси ја напуштиле земјата затоа што во неа „не гледаат иднина“.
Американскиот лидер оддаде почит на веќе ветената поддршка од земјите на НАТО и ја спомена последната рунда воена помош од 500 милиони долари, објавена претходно денеска, која ќе биде испратена од Вашингтон во Киев.
– Подоцна оваа недела ќе објавиме дополнителни санкции против елитите и компаниите кои се обидуваат да ги избегнат санкциите и да ја наполнат руската воена машина, додаде тој.
Бајден го заокружи својот говор со обновување на ветувањето дека ќе ја поддржува Украина „колку што е потребно“.
Од своја страна, украинскиот претседател Володомир Зеленски рече дека денешните преговори со неговиот американски колега биле многу „плодни“ и „многу суштински“.
– Се надеваме дека оваа 2023 година ќе стане година на победа, додаде тој, пофалувајќи ја „заедничката визија“ што ја споделуваат двете нации.
Тој понатаму вели дека ќе продолжи да прави се што е можно за да се осигура дека демократскиот свет „ќе победи во оваа историска битка“.
Украина се соочува со многу тежок период, објасни Зеленски, потенцирајќи дека земјата ќе направи „историски достигнувања“ со помош на САД и остатокот од светот.
-Денешните преговори беа многу плодни, многу важни и многу клучни“, повтори тој, додавајќи дека резултатите „дефинитивно“ ќе имаат влијание на бојното поле.
Зеленски прецизираше дека тема на разговор било оружјето со долг дострел, заедно со дополнителното вооружување кое сè уште не е испорачано.
– Повторната изградба и обновувањето на правдата е исто така важна… и агресорот треба да ја преземе одговорноста за агресијата и да ја надомести штетата, истакна Зеленски, пред да им се заблагодари на САД за поддршката за тоа да се случи.
Претходно денеска, шефот на Кабинетот на Зеленски, Андриј Јермак оцени дека посетата на американскиот претседател Џо Бајден на Киев е стратешка и дека решава многу прашања.
„За време на денешната посета на американскиот претседател Џо Бајден на Киев се решаваат многу прашања и ќе се забрза решавањето на оние што се во тек“, напиша Јермак на својот канал на Телеграм.
Тој посочи дека заедничка цел на Украина и САД е победата на Украина над Русија и триумфот на „украинските војници и западното оружје“. Тој изрази благодарност до американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан, со кого соработувал за време на планирањето на посетата на Бајден на Украина.
Сирените за воздушен напад денеска се огласија низ главниот град на Украина, а досега нема извештаи за руски проектили или воздушни напади.