Пирц Мусар: Уставните измени се предуслов за следната фаза од евроинтеграциите, потребен е внатрешен политички консензус

Донесувањето на уставните измени е неопходен предуслов за Северна Македонија да продолжи во следната фаза на процесот на евроинтеграции и затоа е потребно да се изгради внатрешен политички и меѓупартиски консензус за негово успешно спроведување.

Ова го порача меѓу другото, новоизбраната претседателката на Република Словенија, Наташа Пирц Мусар на средбата со претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, кој е во официјалната посета на Љубљана.

Како што соопштија од собраниската прес-служба, во однос на уставните измени, претседателот Џафери апелираше за обезбедување на гаранции од страна на земјите членки дека по нивното донесување, преговорите за членство ќе се водат исклучиво согласно критериумите на претходните земји кандидати и со почитување на општо прифатените европски вредности на кои се темели Европската унија.

На средабата од страна на Пирц Мусар било потенцирано дека меѓу приоритетите во текот на нејзиниот мандат е продолжување со процесот Брдо-Бриони, особено заради перспективата на Западен Балкан како важна стратешка одлука за безбедноста, стабилноста и иднината на Унијата.

Во тој контекст, се посочува, се предлага извесна промена на пристапот со вклучување на младите за нивна поголема регионална интеграција и соработка, што би придонесло за надминување на национализмот, предрасудите, популизмот, но и заради нивното значително иселување во последната деценија.

Упатувајќи и честитки за изборот на функцијата, претседателот на Собранието Џафери изразил поддршка на иницираните предлози, со укажување дека за спречување на процесот на одлив на млади луѓе од регионот, вклучително и од Република Северна Македонија, потребно е забрзување на евроинтеграцискиот процес со реализација на предвидените реформи, но и подобрување на економската состојба во земјата, обезбедување на нови работни места со соодветни примања, за младите лица да можат да останат дома и да придонесуваат во општествениот живот во земјата.

Претседателката Пирц Мусар, се додава, пројавила интерес и за моменталниот статус на односите со Република Бугарија и за тековниот скрининг и усогласеноста на домашното законодавство со тоа на Европската унија.

Во рамки на посетата на Република Словенија, претседателот на Собранието Џафери, вчера, оствари средби со неговата колешка, претседателката на словачкиот Државен збор, Уршка Клакочар Зупанчич, со координаторите на пратеничките групи во Државниот збор, како и со членовите на Комисијата за европски прашања и Комисијата за надворешна политика.