Претседавачот на ОБСЕ министерот за надворешни работи Бујар Османи, денеска и утре ќе биде во посета на Мисијата на ОБСЕ во Република Молдавија, со што практично продоложува реализацијата на приоритетните обврски од Прoграмата за претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ во 2023.
За време на посетата, како што најавија од МНР, преседавачот Османи ќе биде примен од претседателот на Република Молдавија, Маја Санду, а ќе има состанок и со неговиот домаќин заменик премиерот и министер за надворешни работи и европска интеграција на оваа земја Нику Попеску, како и со заменик претседателот на владата и министер за реинтеграција Олег Серебриан.
Османи, најавено е, ќе има средби и со авторитетите на Транснистрија – Владимир Красноселски и нивниот главен преговарач Виталиј Игнатиев.
– Посетата ќе се одвива во време на сложени внатрешно-политички состојби во земјата и после ненадејната оставка поднесена од премиерот на Молдавија Наталија Гаврилита, но и заради надворешното влијание предизвикано од последиците воената агресија на Руската Федерација врз Украина. Главна цел е да се поттикне процесот на посуштински преговори помеѓу Владата на Молдавија и авторитетите на Транснистрија за реализирање на договорената рамка од 8 области, но и да се даде целосна поддршка на работата на Мисијата на ОБСЕ во Молдавија која има клучна улога во одржувањето на политичкиот дијалог воден од страна на ОБСЕ во формат 5+2, како и за проектите кои се доменот на интеграцијата на државата и социо- економското заздравување на Молдавија, се наведува во соопштението од МНР.
Во текот на дводневната посета претседавачот на ОБСЕ ќе реалзира и средби на терен, при што ќе се сретне и со младински активисти во Молдавија кои го помагаат прифатот на бегалци од Украина.