Рисимкин со „Леди Магбет“ во програмата на Верона фестивалот во Италија

Македонската балерина и кореограф Рисима Рисимкин, од 24 до 31 август, со танчерите на Скопје танцовиот театар ќе гостуваат на сцената на Фестивалот на Шекспир во Верона, Италија, како дел од Шекспир фринге програмата. Фестивалот е формиран во 1948 година и годинава ќе полни 75 години постоење.

-Многу сум благодарна што мојата работа како уметник е препознаена од уметничкото раководство на фестивалот и секако, возбудена од помислата дека ќе гостуваме  во овој извонреден град и фестивал со голема традиција. За мене, женските ликови во драмите на Шекспир, се особено интересна тема и  предизвик ми е да истражувам и создавам во тој контекст, врз кој се базира креацијата на претставата „Леди Магбет (Квартетот)“. Темава е актуелна и во контекст на времево во кое живееме и сакам да повлечам паралели помеѓу безвременото творештво на Шекспир и современите аспекти на темите кои тој ги опфаќа, изјави Рисимкин.

Скопје танцовиот театар изминативе години имаа настапи во Њујорк, Париз, Пекинг, Хаг, Амстердам.

-Скопје танцовиот театар е лабораторија во која произведуваме одличен уметнички производ. Младите танчери и кореографи кои компанијата ги изнедрува се прекрасни уметници и веќе ја освојуваат интернационалната сцена.  Адријана Данчевска, која е дел од првиот состав на компанијата, во дует со Дејан Битровски, настапи во ноември 2022 година на 26-от по ред Фестивал на кореографски минијатури во Белград, каде, за својата кореографија „Не ми ги допирај очите“,  ја освои Првата награда на фестивалот, како и Наградата од публиката. Искрено се надевам дека покрај светското препознавање на квалитетот, Скопје танцовиот театар ќе биде вистински препознаен и дома, додаде Рисимкин.