Народното собрание на Бугарија денеска без дискусија усвои декларација во која „се осудуваат антибугарските пројави во Република Северна Македонија“. Декларацијата беше поддржана од 185 пратеници, а еден беше воздржан, пренесува БТА.
До парламентот беа доставени четири нацрт-декларации, од ГЕРБ-СДС, „Продолжуваме на промените“, „Демократска Бугарија“ и „Преродба“, врз основа на кои е изготвен и изгласан заеднички нацрт предложен од Комисијата за надворешна политика.
Бугарскиот парламент во усвоената декларација ги осудува „пројавите и повиците за насилство врз Бугарите во Северна Македонија, нивните организации и клубови, а особено тешкиот престап врз Бугаринот Христијан Пендиков“ и бара да бидат преземени системски мерки од сите институции за откривањена сторителите и нивно изведување пред правдата.
Народното собрание исто така, изразува и „противење на трајното неспроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија од 2017 година и билатералните протоколи од состаноците на Мешовитата меѓувладина комисија од чл. 12 од 2019 и 2022 година“.
Во декларацијата се изразува и загриженост дека „ескалацијата на антибугарската кампања во Северна Македонија може да го загрози процесот на вклучување на Бугарите во Уставот на земјата, како и развојот на демократските процеси и институции во Северна Македонија и нејзиниот пат кон членство во Европската Унија, што им служи на интересите на трети страни“.