Амбасадорите на земјите од ЕУ, предводени од Гир, во посета на Охрид

Шефот на делегацијата на Европската Унија во Скопје, амбасадорот Дејвид Гир и амбасадорите на земјите членки на ЕУ во земјава денеска ќе престојуваат во посета на Охрид. Фокусот на посетата, како што соопштија од Дегелацијата на ЕУ, ќе биде ставен на зачувување на уникатното природно и културно наследство на Охрид признато од УНЕСКО, заедно со промоција на туризмот, иновациите и економските можности во регионот.

Шефовите на мисии на ЕУ, според програмата, најпрво ќе го посетат Националниот парк „Галичица“, каде ќе имаат можност да се запознаат со достигнувањата и предизвиците за управување со еден од најубавите национални паркови во земјата, кој доби значителна финансиска помош од ЕУ. Ќе следат и практична презентација на работата и опремата на планинската спасувачка служба на Црвениот крст поддржана од ЕУ, која, како што се вели во соопштението, бележи одлични резултати за доброто на граѓаните.

Амбасадорите ќе се сретнат и со градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, а ќе го посетат еден од најуспешните проекти финансирани од ЕУ во Охрид – Касарна Хаб.

Касарна Хаб е старт-ап центар со заеднички простор за работа за хонорарци, работници на далечина и ентузијасти за дигитализација. Центарот е поставен во областа на поранешната воена касарна во Охрид и има цел да придонесе за диверзификација на туристичката понуда на градот и за зајакнување на локалната економија преку привлекување посетители и иновативни бизниси.

Амбасадорот Гир ќе се обрати на медиумскиот настан во Касарната Хаб во 13:30 часот.

Посетата амбасадорите ќе ја завршат со работен ручек со претставници на граѓанското општество и кратка обиколка низ Охрид, со фокус на статусот на градот и регионот на Охридското Езеро во УНЕСКО.