Во рамки на посетата на Киев, министерот за надворешни работи Бујар Османи како претседавач на ОБСЕ денеска оствари средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски на која изразил поддршка за украинската Влада, акцентирајќи дека ОБСЕ го поддржува украинскиот народ и напорите за враќање на мирот и стабилизација на регионот.
– Импресивна е пожртвуваноста и посветеноста на претседателот Зеленски во заштита на украинскиот народ и храброста во соочувањето со предизвиците и последиците од агресијата на Руската Федерација врз Украина. Ја повикувам Русија веднаш да стави крај на агресијата. ОБСЕ го поддржува украинскиот народ и ќе продолжи одблизу да ја набљудува состојбата. Неопходна е оваа поддршка на украинските напори да се врати мирот и да изгради стабилна иднина за нејзините граѓани, истакнал Османи.
Порачал дека ОБСЕ ги има механизмите и капацитетот да им помогне на луѓето од конфликтните подрачја преку работа на терен.
– Еден од првите чекори треба да биде итното враќање на теренска мисија на ОБСЕ во Украина. Мисијата ќе направи голема разлика на терен за обезбедување на стабилност, безбедност и почитувањето човековите права за секој граѓанин, истакнал Османи.
Посетата на Османи на Украина е во рамки на реализацијата на еден од главните приоритети на Претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ во 2023 година, во кое фокус се става кон луѓето на терен кои се најпогодени од воената агресија.