Можно е Северна Македонија да стане земја – членка на ЕУ до 2030 година, смета претседателот на државата Стево Пендаровски, повикувајќи по ова прашање да постигнеме реален национален консензус. Истовремено тој го отвори и прашањето за тоа дали ЕУ ќе биде толку фокусирана на Западниот Балкан по завршување на војната во Украина.
-Дали е можно членство до 2030-та? Можно е. Ние имаме внатрешен потенцијал, имаме паметни луѓе, имаме искуство, имаме одамна поставено систем за преговори, и сме најдобро подготвен кандидат во историјата на ЕУ. Меѓутоа не сум сигурен во овој контекст за две други работи. Прво, не знам дали ќе постигнеме национален консензус. Во овој момент по тоа прашање го немаме. Зборуваме за реален реторички консензус. Дали ќе постигнеме и дали ќе го одржуваме бидејќи мора да го одржувате години и години додека траат преговорите. Второ, не знам дали ЕУ и по завршување на војната во Украина ќе го задржи фокусот врз регионот, истакна Пендаровски.
Во изјава за медиумите одговарајќи на новинарско прашање по обраќањето шефот на државата за националниот консензус за влез во ЕУ истакна дека сите политичари велат дека се за ЕУ, но дека кога ќе се постави прашање дали под овие услови и со оваа преговарачка рамка половина ги нема.
– Јас реков дека не постои. Значи, ние сме се наслушале за реторички национален – државен консензус. Кога ќе ги прашаш сите политичари дали сте за ЕУ – да. Кога ќе речеш, под овие услови со оваа преговарачка рамка и половината ги нема. Значи, ние во моментов за жал немаме национален консензус да продолжиме кон ЕУ, истакна Пендаровски.
Прва обврска, според него, во таа смисла е промената на Уставот.
-Тука треба да се покаже дали си за ЕУ или не си, затоа што содржината на преговарачката рамка ни е позната. Конкретното барање да ги внесеме Бугарите како дел од народот во Преамбулата е познато. Ако имаме шест делови од други народи кои живеат плус Македонците што е спорно, како македонската држава ја рушиме ако внесеме уште Бугари, Хрвати, Црногорци, можеби Евреи и.т.н., рече Пендаровски.
На прашањето дали тој може да помогне за постигнување национален консензус, шефот на државата вели дека од аспект на она што го слуша опозициските партии нема да го сменат ставот надевајќи се дека ќе победат на следни избори.
-Позициите на главните опозициони партии се толку вкопани во таа партиска реторика од која очекуваат веројатно успех на следните избори и затоа не ја напуштаат што навистина не гледам простор, никаков маневарски простор дека можам тука да помогнам. Значи, ставовите се такви. Имате заверени изјави кај нотар дека ни на сон нема да потпишуваат промена на Уставот, истакна Пендаровски.
Решението, според него, е постојано јавно да објаснуваме дека ако ги ставите Бугарите во Преамбулата не ја рушите државата, дека се работи за една сосема бенигна ситуација во која ние веќе имаме, да повторам, шест делови од народ, плус македонскиот народ и гледаме дека тоа е 20 години наназад во конституцијата и ние не гледаме дека Македонија е пропадната заради тоа.
Во обраќањето на амбасадорска тркалезна маса, насловена „Западниот Балкан помеѓу Западот и
Истокот: Северна Македонија – членка на ЕУ до 2030 година“ во организација на Советот на
амбасадори, Пендаровски исто така кажа дека ЕУ направи неколку крупни исчекори освен кон Западниот Балкна додели кандидатски статус на Украина, на Молдова и на БиХ, а тоа никогаш не би го добиле ако не беше војната во Украина.