Можни консултации за уставни измени

Како да се стаса до уставни измени вчера предлог дојде од министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој на средба со новинарите рече дека досега имало само неформални консултации „низ ходници“ и дека сега треба да се почне со формален сет на консултации и јавни дебати со политичките партии. Османи изрази стравување дека доколку до ноември не се донесат уставните измени, ќе влеземе во некакво „црногорско сценарио“.

– Не треба да губиме време во процесот на уставни измени, затоа што мојот страв е дека ако не фати ноември без завршени промени на Уставот, ќе прекинат преговорите и ќе го изгубиме моментот, а губењето на моментот е една од најлошите работи што може да ви се случи на европскиот пат и се плашам дека ќе влеземе во некакво си „црногорско сценарио“, после што ќе биде многу тешко да се вратиме, со сите импликации внатре и надвор врз имиџот на државата, рече шефот на дипломатијата на брифинг со новинарите.

Оваа година, според Османи, треба да се почне со формален сет на консултации и јавни дебати во коишто ќе бидат вклучени политичарите, невладините организации, експертите, новинарите, јавноста за да се разговара кои се аргументите „за“ и „против“ уставни измени.

Смета дека треба да се направи разграничување меѓу партискиот и интересот на државата.

– Засега тие се измешани и не може да се направи разграничување, каде е интересот на државата, а каде е партискиот интерес и тоа ги буни луѓето, бидејќи не знаат дали став на одреден политичар е заради тоа што сака избори и сака да биде на власт или заради тоа што уставните измени се ризични по државата и по народот. Важно е да направиме разграничување каде почнува партискиот интерес, а каде завршува интересот на државата, нагласи Османи.

За да се донесат уставните измени што ќе подразбираат и промена на Преамбулата на Уставот, потребни се 80 гласови односно двотретинско мнозинство, што засега Владата ги нема бидејќи главната опозициска партија се противи на предлогот. Уставните измени произлегоа од францускиот предлог и со него во Уставот треба да се внесат Бугарите, но не само тие.

Од ВМРО-ДПМНЕ синоќа за МИА посочија дека досега не добиле покана за какви било разговори за уставните измени и дека тие нема да одбијат средба, но ќе повторат дека нема да поддржат уставни измени.

За МИА од ВМРО-ДПМНЕ велат дека не е проблем да учествуваат, но дека на таквите средби ќе биде повторено дека нема да поддржат уставни промени и оти овој состав на власта го нема мандатот за таква работа.

Вчера за уставните измени свој став изнесе и Социјалистичката партија, која е и долгогодишен коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ.  Иницијативата на министерот за надворешни работи за започнување на консултации за уставни измени со формализирање на замислениот процес со јавни дебати и со учество на експерти, ја оценуваат како крајно несериозна и неодговорна. Истата во целост ја одбиваат. Партијата повторува дека ниту една политичка партија застапена со пратеници во Собранието нема мандат за какви било уставни измени, особено не партиите од власта кои немаат ниту легитимитет во инсистирањето за уставните измени, како и дека единствен излез за длабоката политичка криза и сите останати кризни состојби е одржување на предвремени парламентарни избори.

Вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ претходно рече дека очекува со заеднички консензус за прашањето за европската перспектива на земјата, да стигнеме до успешни уставни измени. Граѓаните, според него, го поддржуваат членството во ЕУ и добро знаат дека земјата треба да чекори по европскиот пат како единствен пат на кој може да се трансформира македонското општество според европски вредности и стандарди и кој носи стабилност, просперитет, нови можности и неповратни средства од европските фондови.

-Секое поместување од европскиот пат, а тоа ќе се случи доколку опозицијата не даде поддршка за уставните измени, ќе биде само несигурност, неизвесност, политичка криза и повторно ставање на Северна Македонија во чекалната. Следната блокада може да биде ВМРО-ДПМНЕ, вели Маричиќ.