Дел од суштинските реформски закони предвидени со Планот 3-6-9 ги пробија роковите поради блокадите во работата на Собранието, информира вицепремиерот Бујар Османи на денешната седница на министерската работна група во Владата.
Како што соопшти владината прес-служба, од работата на министерската работна група за спроведување на Планот 3-6-9 призлегоа препораки кои на надлежните министерства им налагаат да ги интензивираат завршните активности за имплементација на предвидените закони и мерки со запазување на роковите во однос на априлскиот извештај на Европската комисија за напредокот на земјата.
Наложено е и да продолжат средбите на работните групи со опозицијата за обезбедување амбиент за заедничко учество во донесувањето на реформските законски решенија.
Надлежните министерства, пак, добија задолженија да ја почнат подготовката на предлози за новиот пакет реформски законски решенија и мерки кои ќе треба да се реализираат до крајот на 2018 година.
Со седницата претседаваше премиерот Зоран Заев, а присуствуваа министрите задолжени за реализација на законските решенија и мерките за реформи во правосудството, реформата на безбедносните и разузнавачките служби, работата на Собранието, именувањата на државните функционери, реформите на јавната администрација и доброто управување, борбата против организираниот криминал, корупцијата, тероризмот и насилниот екстремизам, граѓанското општество, реформите на изборната регулатива и мигрантските политики.