Очекуваме ова да биде изборна година, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска во Неготино.
– Како претседател на ВМРО-ДПМНЕ ме интересираат предвремени парламентарни избори за да може граѓаните да изберат влада, а не да имаат наметнат премиер кој други им го поставиле, додаде тој.
Запрашан како го коментира таканаречениот план на СДСМ, за предвремени избори, посочи дека тоа се случувања кои се случуваат во СДСМ, а него како претседател на ВМРО-ДПМНЕ го интересираат предвремени парламентарни избори за да може, како што нагласи, на Македонија и на граѓаните да им тргне напред.
-Јас нема да коментирам случувања во СДСМ и во другите политички партии. Имам еден принцип што го задржувам секогаш во начинот на моето политичко функционирање, а тоа е дека не треба да им го правиш на луѓето тоа што не сакаш луѓето тебе да ти го прават, така што тоа си е нивна автономна работа, исто како што и гледам и во некои други политички партии. Она што мене ме интересира како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, е, конечно, ќе повторам, да има предвремени парламентарни избори за да може на Македонија да и тргне напред, да им тргне на граѓаните во Македонија напред и да добијат влада која што ќе ја изберат, а не премиер кој што ќе го постават неколкумина коишто така решиле да биде, рече Мицкоски.
Тој информираше дека годината ја започнуваат работно од Неготино. Да се направи една обиколка и да се види на тоа што е актуелно што се работи и да се направи план за оваа година. Тој соопшти дека планот е направен и оваа година се очекува најголемиот дел од програмата ветувана за време на кампањата во 2021 година за локалните избори, да биде исполнета. Имало неколку проекти и очекува дека она кое што е зацртано како план, да се реализира. Дел од тие проекти ја поминале развојната програма, а дел биле планирани во буџетот како капитални инвестиции. Но, дел биле и програми што се користат од министерствата, меѓу кои и министерството за животна средина. Рече дека очекува пријатни моменти во реализацијата на капиталните проекти во Неготино.
-Знаете иако имаше огромна и би рекол прилично предизвикувачка година, тоа беше 2022 година со голема енергетска и економска криза, сепак со чесно, посветено работење се надминаа тие предизвици и се очекува реализација на капиталните проекти оваа година, додаде Мицкоски.
Градоначалникот Горан Стојанов информираше дека во Неготино се уредува паркова површина во вредност од 11 милиони денари, во населбата Саат кула. Самиот парк е обезбеден преку гранична соработка со Република Грција и проектот WINE UP за обезбедување на винскиот и локалниот туризам во општина Неготино. Уредувањето е шест милиони денари, а останатите ќе бидат употребени преку разни проекти за издржливи вработувања за промоција на локалниот вински туризам во општина Неготино.
-Исто така преку овој проект ќе обезбедиме и дополнителни три вработувања кои ќе бидат и во јавниот и во приватниот сектор, така да се надеваме дека ќе биде една добра работа за самите граѓани за општина Неготино, соопшти Стојанов.