Борбената готовност на Армијата е на потребното ниво, во тековната година успешно реализирани сите предвидени задачи

За состојбата и реализацијата на плановите и задачите на Армијата кои влијаат на борбената подготвеност на Армијата, денеска во Генералштабот на Армијата и Министерството за одбрана беше ифнормиран претседателот и врховен командант на Вооружените сили, Стево Пендаровски.

За време на брифингот за борбената готовност на Армијата, началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и директорот на Генералштабот, генерал-мајор Зоран Милески, пред претседателот Пендаровски, министерката за одбрана Славјанка Петровска, заменикот на министерот за одбрана, генералите во Армијата и претставниците од кабинетот на претседателот и министерката, ја претставија состојбата во Армијата според функционалните области кои се дел од борбената готовност, при што е нагласено дека борбената готовност е на потребното ниво и дека во тековната година успешно ги реализираше сите предвидени задачи.

Пред воениот врв беа презентирани реализираните задачи и достигнувања на Армијата во 2022 година, како и клучните задачи за следната 2023 година, при што се опфатија областите: персонален менаџмент и морал, операции во земјата и странство, обука и вежби, логистичка поддршка, воено планирање и структура на сили, врски и комуникации, буџетирање и цивилно-воена соработка.

За време на брифингот, како што информираат од Министерството за одбрана, било истакнато дека подготвеноста на командите и единиците на Армијата се одликуваше со навремена реализација на активностите со планираната динамика во процесот на трансформацијата и спроведување на планот за модернизација, изведување на обуката според актуелните безбедносни предизвици и стандардите на НАТО, како и зголемување на учеството во операциите во странство.

Министерката Славјанка Петровска во својот осврт во рамки на брифингот, истакна дека развојот на одбраната јасно се гледа преку зголемувањето на одбранбениот буџет во последните неколку години.

– Со задоволство можам да кажам дека предвидената стапка на раст ја задржуваме и за 2023 година, кога ќе одвоиме 274 милиони за обраната, што е 1,85 отсто од БДП. Цврсто сме одлучни да го достигнеме 2 проценти од БДП во 2024 година, не заради Алијансата, туку за нашата Армија, нашите припадници, нивната опрема и нивниот стандард. Дополнително, драго ми е од буџетот за 2023 година, 33 отсто се алоцирани за модернизација и опремување, што го менува ликот на Армијата во целост. Нашата Армија е НАТО Армија и затоа не отстапуваме од тоа секојдневно да го менуваме ликот на нашиот припадник, кој мора да има нова и модерна опрема и висок стандард. Сите овие преземени чекори се во насока на зголемување на борбената готовност на Армијата, кое гарантира мирна, безбедна и стабилна држава и цврста колективна одбрана во НАТО Алијансата, истакна министерката Петровска.

На брифингот, како што информираат од Министерството за одбрана, претседателот Пендаровски истакна дека и во 2022 година припадниците на Армијата ја докажаа својата професионалност, посветеност и подготвеност. Во годината кога ја одбележавме 30-годишнината од нејзиното формирање, рече претседателот Пендаровски. Армијата уште еднаш ја оправда високата доверба што ја има кај македонските граѓани. Дополнително, посочи претседателот Пендаровски реализирацијата на обемната воена вежба „Брз одговор 22“ на воениот полигон „Криволак“ го демонстрираше капацитетот на Армијата да даде придонес кон колективната одбрана, безбедноста и сигурноста на НАТО, во време на предизвици по руската агресија на Украина.

Претседателот Пендаровски, се вели во соопштението, ги реафирмираше неговите заложби за натамошно инвестирање во модернизирањето и опремувањето на Армијата и достигнување на зацртаната цел 2 отсто од БДП да се одвојува за одбраната.

Како позначајни активности на Армијата во текот на јубилејната година се учеството на триесетина меѓународни вежби во земјата и во странство, меѓу кои како позначајни се вежбите „Блесок-22“ на која се изврши оценување на Лесниот пешадиски баталјон и „Swift Response 22“ на која учествуваа околу 4.600 припадници од осум НАТО земји, при што беа изведени над 700 падобрански скокови.

Во однос на учеството во меѓународните операции припадници на Армијата учествуваат во операциите: АЛТЕА во Босна и Херцеговина, каде оваа година учеството го зголемивме со еден пешадиски вод, УНИФИЛ во Либан каде учествуваме со штабни офицери, КФОР“ во Косово каде учествуваме со два вода за обезбедување и штабен персонал, ЕУТМ во Централноафриканската Република и НАТО мисијата НМИ во Ирак со по еден претставник како штабен елемент. Од оваа година во јуни 2022 година, започнавме со придонес во рамките на НАТО мисиите „Зајакнато истурено присуство (eFP) во Латвија и „Активности на зголемена будност“ (eVA) во Бугарија и Романија.

Брифингот за борбената готовност е редовна годишна обврска на началникот на Генералштабот пред врховниот командант, со цел претставување на состојбата во областите кои имаат влијание на борбената готовност на Армијата и планираните активности за следната година.