Здравиот и развиен финансиски сектор е значаен за поттикнување на економскиот раст. Финансискиот систем што е доволно голем, диверзифициран, добро регулиран и сфатен може да придонесе за подобар животен стандард и унапредување на социјалната инклузија, намалувајќи ја со тоа сиромаштијата, посочи гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска на панел-дискусијата „Сиромаштијата, економскиот раст и финансискиот сектор“ која се одржа во рамките на Годишната конференција на Обединетите нации, со наслов „Поглед подалеку“.
Ангеловска-Бежоска истакна дека во земјите од Западен Балкан, вклучително и во нашата, финансискиот систем е банкоцентричен, со што банките имаат клучна улога во финансирањето на реалната економија со постојано солидно темпо во изминативе неколку години на кризи.
-Задржаната кредитна активност и во услови на криза во голема мера се должи на научените лекции од глобалната финансиска криза во светски рамки и зајакнатата регулатива во согласност со измените на меѓународните и европските стандарди, со чија помош банките ги пресретнаа предизвиците со зајакнати биланси и подобра способност за справување со ризици, додаде гувернерката.
Говорејќи за натамошна поддршка на растот и побрзо приближување до доходот на Европската Унија, гувернерката додаде дека е значајно да продолжи трендот на раст на финансискиот систем, вклучително и на банкарскиот систем.
-Исклучително е важно банките да продолжат со јакнење на отпорноста и стабилноста на билансите, што заедно со обемот на финансиски потенцијал, е предуслов за соодветна кредитна поддршка на економијата. Важен е и развојот на пазарите на капитал коишто во целиот регион се недоволно развиени, а можат да бидат значаен извор за финансирање особено на малите и на средните претпријатија коишто вообичаено имаат потежок пристап до финансирање од банкарскиот сектор, посочи Ангеловска-Бежоска.
Според неа, иако здравиот и развиен финансиски сектор не може да биде замена за структурните реформи што се клучни за долгорочен економски раст, сепак тој може да даде значителна поддршка за економијата, особено во вакви периоди на криза коишто ги нагласуваат структурните слабости на економијата и потребата за енергетска и дигитална трансформација.
–Во изминатиот период се согледува сѐ поголема поддршка на банкарскиот систем на проекти за енергетска трансформација на економиите, при што во домашната економија зеленото кредитирање во изминативе три години е зголемено за 80 отсто. За посилен економски раст е важен и финтек-секторот, којшто сѐ уште е мал, но расте во земјите од Западен Балкан. Финтек-секторот има потенцијал да ја зајакне финансиската инклузија и да го унапреди финансискиот сектор, за што е важно и натамошното зголемување на финансиската и дигиталната писменост, информираат во соопштението од Народната банка.
На панел-дискусијата, покрај гувернерката на Народната банка, учествуваа и министерот за финансии Фатмир Бесими, министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, програмскиот лидер за земјите од Западен Балкан на Светската банка, Ричард Рекорд и претставничката од УНИЦЕФ, Патриција ди Џовани.