Нашите сограѓани Турци се чесни и вредни граѓани и луѓе еснафи, кои ја почитуваат традицијата. И турската култура е една од коцките во мозаикот на различности и на вредното културно-историско наследство на Република Северна Македонија, што го негуваме како бесценето богатство, истакна претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, на настан по повод Денот на наставата на турски јазик во организација на Турската Демократска Партија.
Како што соопшти владината прес-служба, премиерот на настанот истакнал дека граѓаните Турци се и пример за лојални граѓани на Северна Македонија, кои застануваат во одбрана на државните и стратешките интереси секогаш кога е тоа потребно.
– И денес заеднички настапуваме во заложбите за современа, економски развиена, евроатлантска Република Северна Македонија, дел од прогресивниот демократски свет. Денес, заедно и со нашиот коалициски партнер, Турската Демократска Партија, која што е дел од Владата, водиме заеднички битки, со современи средства – на дијалошките маси. И како што успеавме во заложбите Република Северна Македонија да стане 30-та полноправна членка на НАТО – убеден сум дека можеме да успееме, до 2030-та година Република Северна Македонија да стане и полноправна членка на Европската Унија, истакнал тој.
Премиерот рече дека со Турција имаме развиено одлична економска соработка, а Турција е еден од најголемите трговски партнери на Северна Македонија.
-Наша заедничка заложба е обемот на билатералната трговија да се зголеми на една милијарда долари, а во земјава има и значителен број на турски инвеститори, рече тој.
Од 2007 година, Денот на наставата на турски јазик е и државен празник за граѓаните од турската заедница во земјава. Со овој ден се одбележува почетокот на наставата на турски јазик во 1944 година, во основното училиште „Тефејуз“ во Скопје.