ДЕЛ ОД ПУБЛИКАЦИЈАТА „МАКЕДОНЦИТЕ ВО СВЕТОТ“ (ВТОР ДЕЛ) НА СЛАВЕ КАТИН
Македонските православни црковни општини во Канада се најзначајните и најмасовните собиралишта на Македонците од сите делови на Македонија и Мала Преспа. Во тие македонски храмови, покрај богослужбата, слободно се слуша македонскиот збор, мајчиниот јазик донесен од стариот крај. Во тие културно-просветни и духовни центри работат македонски училишта, каде што се учи мајчиниот македонски јазик, националната историја и географија, а во голем број цркви и верска поука. Еден од таквите центри е Св. Недела во Пикеринг
4. Св. Недела во Пикеринг.
Почетните активности за формирање на оваа црковна македонска православна општина започнале во март 1993 година, а на 23 април истата година било свикано првото генерално собрание на приврзениците и почитувачите на новата црковна општина.
Од повеќето имиња што ги одбрал народот со ждрепка архимандритот Никодин Царкњас го извлекол ливчето со името на Св. Недела. А камен-темелникот на црквата го поставиле архиепископот Стефан и митрополитот Кирил на 17 септември 2000 година. Новиот храм, во кој е насликан олтарот и другите делови бил осветен на 8 септември 2002 година. Во него се активни: женската секција која организира пикници и други собирања и бинго секцијата.
5. Св. Наум Охридски во Хамилтон.
Бидејќи на источниот дел на езерото Онтарио, во Торонто веќе постоела црквата Св. Климент Охридски, што потсетувала на Св. Климент во Охрид, било одлучено црквата во Хамилтон да го носи името на Св. Наум Охридски, на другиот голем просветител и да потсетува на Св. Наум во Охрид. Иницијатор за формирање на оваа црковна општина биле членовите на националната организација “Обединети Македонци” – гранка Хамилтон. Пред конституирањето на црквата во Хамилтон постоел фудбалски тим “Обединети Македонци” кој подоцна го променил името во “Македонија”, а потоа и во “Илинден”.
Членовите на овој клуб формирале иницијативен одбор за организирање на црковната општина. Така, на 24 февруари 1970 година управата успеала да го регистрира овој духовен и културен центар пред канадските власти. Потоа, на 9 мај 1971 година, во присуство на голем број Македонци од Канада и САД, црквата Св. Наум Охридски била осветена од тогашниот дебарско-кически митрополит Методи. Во рамките на црковната општина уште во 1973 година започнало со работа неделното училиште на македонски јазик.
Потоа, започнало емитување на македонска радио програма како дел од мултикултурната информативна дејност, а во 1978 година за прв пат се слушнал македонскиот збор и на мултикултурната телевизиска програма. Исто така, во состав на црквата работела играорната група “Илинден”, а денес се активни: женската и спортската секција.
Црквата Св. Наум Охридски денес е нов објект кој е поголем и со подобри услови за бројни активности. Оваа црковна општина го одбележила своето 30-годишно постоење на 26 октомври 2001 година, кога и се одржал голем сенароден банкет. Исто така, големо внимание беше посветено на 40-годишнината на црковното живеењево 2011 година
Црквата „Свети Никола“ во Виндзор
6. Св. Никола во Виндзор.
Иницијативата за формирање на македонска црковна општина била покрената во 1969 година, кога била обслужена првата богослужба на македонски јазик за Македонците од Виндзор и Детроид. Потоа, бил купен плац од 6 хектари и црквата била регистрирана од канадските власти. Во 1979 година била завршена изградбата на црквата, а на 12 август истата година била осветена.
Меѓутоа, во 1980 година под непознати околности во пожар црквата изгорела, бил уништен голем дел од храмот. Затоа, македонските дозеленици во Виндзор изградиле нова црква и голема сала која е помогната од канадските власти и собира над 600-тини посетители. Во состав на црковната општина работи познатата играорна група “Ѓердан”, која е формирана во 1980 година, потоа женската секција, неделното училиште на македонски јазик, црковниот хор, како и групата “Серенада” која ги негува убавите македонски песни.
7. Св. Мала Богородица во Кембриџ.
Оваа македонска православна црковна општина е формирана на 27 јули 1987 година кога и е формирано “Македонското друштво”. Потоа, во 1994 година била купена готова Копска православна црква која има сала за мали црковни обреди, за свечености, училници, библиотека, крштелна сала и други дополнителни простории. Во септември 1994 година била одржана првата богослужба на македонски јазик што ја обслужил поглаварот Михаил, заедно со митрополитот Кирил. Осветувањето на оваа црква било извршено на 19 септември 1996 година, а чинот го извршил поглаварот на МПЦ Михаил.
Во состав на црквата со успех работи женската секција, фолклорната група и неделното училиште.
8. Новоформирани црковни општини.
Одбори за изградба на цркви и манастири во Канада се следните: Манастирот Св. Илија. Иницијативата за формирање на манастир што ќе го носи името Св. Илија постои од многу одамна кај членовите на “Обединетите Македонци”. Овој македонски храм треба да се гради на местото сопственост на националната организација “Обединети Македонци” која редовно организира собирање за празникот Коледе; Св. Никола во Јунионвил. Иницијативата за оваа македонска православна црква била од пред неколку години. Денес црквата има одбор и свештено лице, кои се грижат за организираното живеење на Македонците од тој дел на метрополата Торонто.
в) Св. Атанасиј во Монтреал. Иницијатива за формирање намакедонска православна црква во Монтреал, во провинцијата Квебек датира од 2001 година, кога е формиран иницијативен одбор.
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН