ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ИЗРАЕЛ И МАКЕДОНИЈА“ НА СЛАВЕ КАТИН
Според историските документи, десетици илјади Евреи побегнале од Шпанија и Португалија и султанот Бајазит Втори со добредојде ги пречекал во Отоманското Царство. Тие набрзо се стекнале со одредени права во рамките на Империјата, меѓу кои право на лична сопственост и изградба на синагоги. Поголемите македонски градови како што се Скопје, Битола и Штип привлекле голем број Евреи и оваа заедница била во мошне добри односи со останатото население во Македонија. Голем број од Евреите го зборувале јазикот ладино.
Новодојдените Евреи биле многубројни. Тие биле со висока културна свест, знаеле јазици, а многу од нив имале завршено шпански и португалски универзитети. Нов бран на Евреи има со повикот на рабинот Царфати во1475 година, да дојдат во Турција, каде имаат загарантирана безбедност и работа. Дојдените Евреи, најмногу се населиле во Солун и сами го нарекуваат градот „мајка на Израел“. Од овој период датираат и првата отворена печатница во Цариград и Солун како и првите печатени книги на еврејски јазик. Доселувањето продолжило во XV и XVI век, но во помали групи, семејства и слично.
Меѓутоа, Евреите во Македонија имале трагична судбина, Имено, на 11 март 1943 година, тие биле собрани во сточни вагони од Битола и Штип и сите заедно биле доведени во скопскиот Монопол, каде што останале да престојуваат до крајот на март истата година, во екстремно тешки хигиенски услови и со неподнослив психолошки притисок. Им бил одземен сиот имот, а накитот и парите конфискувани. Потоа, повторно биле натоварени, во вагони, така што во еден вагон имало од 80 до 120 лица, и биле транспортирани во тогаш окупираната Полска, во логорот на смртта во Треблинка, каде што биле егзекутирани
Ниту еден од уапсените не се вратил. Во 1943 година, во Треблинка биле убиени 98 проценти од вкупното еврејско население во Македонија, што е меѓу најголемиот процент во светот.
Според процените, во Треблинка биле убиени околу 900 илјади луѓе, од кои повеќе од 750.000 биле Евреи. Жртвите на холокаустот во тој логор, кој се наоѓал 100 километри североисточно од Варшава, биле убивани во периодот од јули 1942 до октомври 1943 година.
Во спомен на депортираните македонски Евреи, во 2008 година, делегација на Република Македонија, во логорот Треблинка постави обележје со натпис „Македонија“.
Во март 2011 година, пак, во Еврејското маало во Скопје, свечено беше отворен Меморијален центар на холокаустот на македонските Евреи. Музејот е изграден со средства од имотите на семејствата на убиените македонски Евреи кои немале наследници. Тие беа собрани во Фонд на холокаустот на Евреите од Македонија, кој претходно работеше на имотно-правните прашања поврзани со денационализацијата на земјиштето каде што е изграден објектот во еден од најубавите делови во центарот на Скопје.
Музејот на холокаустот, кој по музеите во Ерусалим и Вашингтон е трет музеј во светот и прв во Европа е посветен на жртвите на холокаустот.
Овој мултимедијален центар, кој е составен од повеќе функционални делови е посветени на различни етапи од животот на Евреите како значајна заедница во Република Македонија.
Сегашната постановка на музејот се состои од постојан дел, кој се наоѓа на приземјето, и привремена постановка на првиот и вториот кат, која е мобилна и треба да ги обиколи Европа, САД, Чиле, Израел и други земји.
Музејот е огледало на она што навистина се случило со Евреите, кои биле дел од македонската историја, биле присутни на ова поднебје уште од времето на Филип Македонски и во Битола, Скопје, Штип ги создале своите огништа.
Фактот е дека Евреите се долго присутни во Македонија, тие придонеле во македонското општество, а нивната заедница била вообличена од македонската култура.
Со постановката во Музејот посетителите ќе добијат уште појасна слика за тоа што се случило за време на холокаустот и постепено ќе дојдат до чувството на загуба на еден битен сегмент на овдешното живеење.
Еден од најимпозантните елементи во ентериерот е флуидната меморијална скулптура, составена од 7.148 лелави конци со мониста, која директно од таванот се спушта до приземјето, претставувајќи ги 7.148-те македонски Евреи што го загубиле животот во Треблинка.
На самиот влез, пак, стои неправилната метална скулптура, која претставува човечки силуети што држат рамки на кои со дигитална проекција се прикажани ликовите на Евреите, погубени во логорот на смртта. Во некои од рамките има огледала, што при погледнувањето во нив посетителот се соочува со сопствениот лик. Некои од рамките се празни, така што низ нив може да се види лицето на некој што стои наспроти.
Во рамките на оваа скулптура се прикажани сите фотографии на жртвите со кои се располага. Факт е дека Македонија има многу вредни историски податоци. Еврејската заедница ги има имињата на сите загубени животи, потоа има фотографии на повеќе од половината од погубените Евреи.
Еден од најмоќните артефакти со кои располага Меморијалниот музеј е и автентичниот вагон со кој Евреите биле пренесувани до Треблинка. Во вакви вагони Евреите биле товарени и третирани како стока. Шест дена патувале затворени, без храна, а кога пристигнувале во Треблинка биле егзекутирани за само два часа.
Во рамките на привремената постановка, која се наоѓа на првиот и вториот кат, нема значајни артефакти, туку мапи на миграциите на Евреите низ Европа и фотографии. Доказ за длабоките корени на животот на Евреите на ова поднебје е и најстарата синагога надвор од Израел, која се наоѓа во Стоби.
Се очекува отворањето на Меморијалниот центар на холокаустот во Скопје да ги продлабочи билатералните односи меѓу Македонија и Израел. Македонија е особено горда што се отвора Меморијалниот центар и што е една од ретките земји што го решила прашањето на имотите на депортираните Евреи.
Инаку, македонскиот народ отсекогаш бил близок со еврејскиот; заеднички живееле во Битола, Штип, Скопје. Солун, Костур и во други места ширум Македонија, заеднички страдале, но и заеднички се радувале. Македонскиот народ не може да ги заборави деновите кога Евреите од Македонија, со помош и поткрепа на бугарските фашисти, беа однесени и погубени во концентрационите логори.
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН