Посетата на американскиот тим за санкции е во функција на скенирање на состојбите, работите треба сами да ги завршиме

Посетата на американскиот тим за санкции е во функција на скенирање на состојбите во судството, но политичката порака од тоа е дека треба сами да ги завршиме работите дома во таа сфера, смета претседателот Стево Пендаровски, појаснувајќи дека тие „доаѓале и порано, а ќе доаѓаат и во иднина“, да собираат информации врз основа на кои се формира листата на ентитети под санкции.

Премиерот Димитар Ковачевски, вчера пак рече дека Владата не ги повикала истражителите на САД во земјата и дека се работи за активности на Американската амбасада во земјава како дел од напорите на САД  во земјите за кои ги сметаат за стратешки партнери.

Тимот за санкции од Вашингтон кој пристигна минатата недела во земјава, според објавите на американската амбасадорка Анџела Агелер, има за цел „поагресивен поглед на минатите и сегашните корумпирани актери и да ги разгледа сите можни одговори“, со оценка дека на правосудниот сектор во земјава му требаат повеќе истраги и гонење за да се покаже дека никој не е над законот.

Претседателот Пендаровски, за американскиот тим за санкции, вели дека тоа се дипломати од Стејт департмент, кои „доаѓале и порано, ќе доаѓаат и во иднина“ и кои собираат информации за тоа што се случува во сферата на судството, и понатаму сосема автономно и независно од нас, ја формираат таа тн. црна листа или листа на ентитети под санкции.

–          И она што е најважната политичка порака, која сум ја кажувал и сакам да ја повторам. Тие колку пати и да доаѓаат, не доаѓаат да ја завршат, мојата, вашата работа, или работата на судовите и обвинителствата. Тоа е сосема независна работа, исто како што е Извештајот за човековите права кој Стејт департментот секоја година го објавува, појаснува Пендаровски.

Премиерот Ковачевски, вели дека доколку се погледне Стратегијата на САД за борба против коруцпијата од 2021 таму многу јасно се наведени опасностите по економијата и по начинот на живот и начините како оваа држава се справува со корупцијата во својата држава, но и кај држави кои ги смета за свои стратешки партнери.

–          Ние имаме стратешки дијалог со САД во рамките на кој добиваме помош години наназад преку финансиска, материјална, кадровска помош во знаење во унапредувањето на нашите институции. Овие активности се дел од активностите на Амбасадата и, како што кажа и вицепремиерката, не се работело за некакво барање туку дека тоа е дел од работата на САД во справувањето со корупцијата, унапредувањето на владеењето на правото, во земјите за кои ги сметаат за стратешки партнери, рече Ковачевски.

Заземање цврст став за корупцијата и состојбата во регионот, била и една од темите на телефонските разговари што вчера ги имал советникот на државниот секретар на САД, Дерек Шоле со претседателот Стево Пендаровски и со премиерот Димитар Ковачевски, откако ја одложи за по Нова година најавената посета на регионот поради позитивен ковид-тест.

Шоле во земјава требаше да разговара со владини претставници за низа прашања, вклучително и за енергетиката, економијата и борбата против корупцијата, соопшти Стејт департментот.

– Жалам што ќе треба да го одложам моето патување на Балканот и во Брисел поради позитивен ковид тест. Ќе останам ангажиран за сите овие прашања во балканскиот регион и со нетрпение очекувам да го направам ова патување на почетокот на следната година, објави Шоле на Твитер.