Северна Македонија и Косово продолжуваат со интензивни билатерални односи без отворени прашања

Северна Македонија и Косово продолжуваат да имаат конструктивни и интензивни билатерални односи, без отворени прашања, со соработка во многу области од взаемен интерес. Ова било констатирано на денешната средба меѓу претседателите на парламентите на Северна Македонија и на Косово Талат Џафери и Глаук Конјуфца.

Џафери на заедничката прес-конференција со Конјуфца по средбата, истакна дека ние го поддржуваме одржувањето на втората меѓувладина седница помеѓу Република Северна Македонија и Република Косово.

– Го информирав дека во Собранието е ратификуван Договорот за соработка во туризмот додека во собраниска процедура се законите за соработка во однос на дијаспората, за статусот на припадниците на нашата Армија и на Безбедносните сили на Република Косово за време на стационирањето на териториите на двете држави и за партнерството во контекст на грант договорите за техничка помош во рамките на ИПА програмата. Тука мислам на искористувањето на ИПА фондовите во насока на отворање на нови гранични премини и модернизирање на веќе постојните, рече Џафери.

Собранискиот спикер ја понудил нашата помош од искуството што го имаме во насока на постигнување на евроатланските аспирации.

– Република Северна Македонија дава силна поддршка за либерализација на визите за граѓаните на Република Косово и ја поздравуваме одлуката на амбасадорите на земјите членки на ЕУ да му дадат мандат на Европскиот совет да преговара во процесот на либерализација за Косово. Имаме афирмативен став за пристапувањето и членството на Република Косово во сите регионални иницијативи и мултилатерални организации, затоа што сметаме дека тие форуми се единствените и најсоодветни места каде може да се придонесе во развојот на регионот и чувањето на мирот и стабилноста во регионот и пошироко, нагласи Џафери.

Во однос на дијалогот Приштина – Белград, дополни Џафери, нашиот став е ист како и претходно, целосна поддршка до постигнување на конечен договор, прифатлив за двете страни, договор со кој ќе се гарантира мирот, стабилноста, безбедноста и напредокот на двете земји и на целиот регион.

– Се разбира, постигнатиот договор за регистарските таблички со посредство на ЕУ е акт кој што влијае на намалувањето на тензиите на северот на Косово и е позитивен знак и поттик за продолжување на преговорите се до нормализирање на односите меѓу двете земји. Во контекст на економската соработка како дополнителен поттик на понатамошниот напредок на билатералните односи, го поддржуваме целосно, рече Џафери.

Конјуфца исто така нагласи дека неговата посета е во насока на интензивирање на пријателството и добрата соработка што ја има меѓу двете земји.

– Односите меѓу Република Косово и Република Северна Македонија се соодветен пример за добрососедство. Поминаа 13 години откако Северна Македонија ја призна независноста на Косово и оттогаш на секое ниво ја потврдувале нивната заложба за признавање и добрососедство во сите области. Оваа врска не е само формална, туку и пријателска врска бидејќи се работи за тесни и роднински односи меѓу народите на двете земји, рече Конјуфца.

Косово, како што додаде, тежнее кон тоа кон што тежнее и Северна Македонија, а тоа е полноправното членство во ЕУ.

– Нашите вредносни определби се јасни и заеднички. Споделуваме исти геополитички определби и во однос на осуда на руската агресија врз Украина и се бориме за слобода и правда за украинскиот народ. Сепак и нашиот регион не е целосно имун на влијанието на Русија. Ова особено се забележува последните денови од постапките што ги прави Србија во однос на Косово. Овие постапки на Србија се неприфатливи, и нивна цел е дестабилизација на Косово и поделба на државата, рече Конјуфца, додавајќи дека како народ стојат заедно обединети во осуда на овие постапки на Србија и во одбрана на демократијата во Косово.

Додаде дека силно го осудуваат, како што рече, јазикот на омраза, насилство и барикадите кои свесно се поставуваат внатре на територијата на Косово.

– Нормализирање на односите меѓу двете земји и добрососедски односи ќе има дури тогаш кога ќе има признавање на независноста на Република Косово од страна на Република Србија, нагласи Конјуфца.