Конјуфца: ЕУ да биде погласна во однос на осудата на ситуацијата во Косово

Целта на Србија е ескалација на ситуацијата во Косово, а кај нас е токму спротивното, ние сакаме деескалација на ситуацијата. Тоа што ние би сакале е ЕУ и меѓународната заедница да биде малку погласна во однос на осуда на ваквите јавно признанени организирани настапи на експонентите на северот на Косово коишто преземаат незаконски дејствија, изјави денеска претседателот на Собранието на Република Косово Глаук Конјуфца во одговор на прашање по заедничката прес-конференција со собранискиот спикер Талат Џафери.

Ние, се надоврза тој, „нема да дозволиме внатре, на територијата на Косово, спрскиот претседател Александар Вучиќ да командува преку овие банди.“

– Косово последниот месец презеде два чекори кои беа во целосна согласност со САД и ЕУ. Прво беше постигнувањето на договорот за регистарските таблички во Брисел, второто беше одлагање на изборите во северот на Косово. Од друга страна Република Србија на тоа одговори со тоа што даде поддршка на експонентите на организираниот криминал токму на северот на Косово со тоа што ги поддржа нив, а тие пак преземаат чекори кои не се во согласност со нашите закони и покрај тоа поставуваат барикади со што го затвораат патот на меѓународните пријатели, вели Конјуфца.

Овие експонененти, нагласи Конјуфца сигурно се на црната листа на САД, а сега веќе и на Велика Британија, а посакуваме да бидат на црниот список на ЕУ. Ние, посочи тој, нема да дозволиме внатре на територијата на Косово Вучиќ да командува преку овие банди.

Тој посочи дека сега е редот на Србија да презеде нешто, односно јавно да се огради од овие лица што, како што рече, ги поддржува на северот на Косово.

– Тоа што ние ќе кажеме е дека ние ќе направиме се што треба, но сигурно нема да направиме компромис и нема да дозволиме незаконски постапки и безредие на северот на Косово, туку ќе направиме се што треба за обезбедување на мирот и стабилноста на територија на Косово, додаде Конјуфца.

Посочи дека во септември претставниците од ЕУ до владите на Косово и Србија поднеле еден план во вид на последно поглавје за конечно нормализирање на односите меѓу двете земји.

– Во суштината на овој план е всушност признавањето на Република Косово од страна на Република Србија. Всушност и последните постапки што ги презема Србија ги гледам од аспект на последните политички процеси. Целта на овие постапки е токму оневозможувањето на отворањето на ова последно поглавје, заклучи Конјуфца.

Во тој однос, претседателот на Собранието на Северна Македонија Џафери, рече дека стои на ставот дека двете страни треба да делуваат рационално за надминување и деескалација на ситуацијата.

–  За ова соодветни надлежности имаат косовските институции секако интегритетот и суверенитетот територијален на Република Косово под мандат на ОН со соодветна резолуција е доделен на НАТО, а имајќи предвид дека сме ние полноправна членка на НАТО  очекуваме тој мандат до крај и целосно да се изврши и да се обезбеди она што им е дадено во обврска од Обединетите нации, рече Џафери.