Османи и Милков го отворија македонско-бугарски бизнис форум

Шефовите на дипломатиите на Северна Македонија и на Бугарија, Бујар Османи и Николај Милков го отворија македонско-бугарскиот бизнис форум што денеска се одржува  во Скопје под мотото „До една милијарда и понатаму“, во знакот на проекцијата од една милијарда евра трговска размена за оваа година меѓу двете земји.

-Од потпишувањео на Договорот за добрососедство од 2017 година, бизнисите го препознаа трендот на унапредување на односите помеѓу двете земји. Во изминативе години практичнио секоја година бележиме раст во меѓусебната трговска размена. Само во текот на последните две години, трговската размена е зголемена за 98,3 проценти, рече Османи на отворањето на Форумот.

Оваа година, додаде тој, само во првите три квартали имавме раст од преку 50 проценти со што, кажа, трговската размена надмина 700 милиони евра досега, а проекцијата покажа дека оваа година ќе се надмине и прагот од една милијарда евра.

-Тоа се бројки што се многу ветувачки и на кои сме горди, затоа што ја покажуваат најдобрата страна на политиката, а тоа е да обезбеди потенцијал за бизнисите за граѓаните, со цел унапредување на размената и комуникацијата. Денеска на овој форум имаме над 150 компании и претставници од бизнис заедницата, заинтересирани за меѓусебна соработка меѓу двете земји.

Според Османи, целта е да се поттикнат нови можности за соработка, нови потенцијали што ќе ги препознаат и ќе ги употребат бизнисите за да го задржат овој позитивен тренд.

Бугарскиот министер Милков рече дека позитивните тенденции во нашите билатерални односи и особено во економските односи не се воопшто малку, но за жал тие како да остануваат малку на страна од фокусот на општеството.

-Се очекува за првпат оваа година размената на стоки во нашите држави да надмине една милијада евра што е значајно достигнување. Бугарските компании продолжуваат да покажуваат голем интерес, вклучително и интересот за инвестирање во Македонија во сектори како банкарство, осигурување,  металургија, технологии, комуникации, софтвер а исто така и во прехранбената индустрија и трговскиот сектор, потенцира Милков.

Тој рече и дека активни се и компаниите од Северна Македонија во Бугрија, каде што исто така има инвестиции претежно во прехранбеата индустрија и туризмот.

-Денешниот форум има за цел да ги стабилизира и создаде нови бизнис контакти што ќе бидат искористени на најрационален начин и запознавање на можностите на пазарот на двете држави, нагласи Милков.

На форумот активно ќе учествуваат над 150 претставници на бизнис заедницата на најголемите компании од двете земји, преставници на стопански комори, како и економски ресорни институции од двете држави.

Покрај официјалниот дел од програмата, предвидени се и бројни меѓусебни средби на претставниците на бизнисите од Северна Македонија и Бугарија, како и потпишување повеќе меѓусебни бизнис договори, соопшти МНР.