На тема „Кибер отпорност за слобода и безбедност“ денеска и утре во Скопје ќе се одржи конференција во рамки на 18. издание на меѓународната конференција e-Општество.мк.
Како што е најавија од Фондацијата Метаморфозис, конференцијата ќе ја отворат Славјанка Петровска, министерка за одбрана во Северна Македонија, Дејвид Гир, амбасадор на Европската Унија, Дирк Јан Коп, амбасадор на Кралството Холандија, Метју Лосон, амбасадор на Обединетото Кралство, Славица Грковска, заменик на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење (видео обраќање) и Бардил Јашари, извршен директор на Фондацијата Метаморфозис. Модератор на настанот ќе биде Мила Јосифовска Даниловска од Метаморфозис.
– Говорниците ќе ја понудат својата перспектива и проценка за начините како да се зачуваат слободата и безбедноста во дигиталната ера и да се поттикне создавањето на кибер-отпорни заедници на граѓани. Оваа сесија ќе обезбеди цврста основа за понатамошни дискусии фокусирани на потенцијалните закани за слободите, безбедноста и човековите права на Интернет, се вели во најавата.
Годинашното издание на е-Општество.мк се состои од седум панел дискусии, два инспиративни говори, една ТВ дебата и едно прикажување на филмот „Сестри“ од Дина Дума (во Кинотека). Активисти, експерти, новинари, државни службеници и поддржувачи од регионот на Западен Балкан и пошироко, се најавува, ќе ги споделат своите ставови и размислувања за дигиталната трансформација на јавната администрација и општествата во Западен Балкан, почитувањето на човековите права во онлајн просторот, надзорот и биометриската обработка на податоци, приватноста, последиците од сајбернасилството во реалниот живот, како и надминување на родовиот јаз во сајбер-безбедноста.
Конференцијата, исто така, се наведува во соопштението, ќе содржи и дискусии за дезинформациските наративи, ефектите од дезинформациите и странските штетни влијанија врз демократијата на Северна Македонија, како и за безбедносните закани за демократијата и европските напори во борбата против дезинформациите.
– Поттикнати од предизвиците со кои се соочуваше светот во изминатиот период, оваа година ставаме фокус на градење и негување на едно кибер-отпорно општество, низ призмата на приватност и безбедност во дигиталната ера. Дигиталните технологии нудат многу можности за подобрување на животот на граѓаните, но важно е сите да бидат свесни и за ризиците од нивното неправилно користење. Младите како една од најранливите категории се особено изложени на ваквите ризици, со посебен акцент на дезинформациите и сајбер-малтретирањето, и како идни лидери, треба да биде приоритет тие да станат дигитално компетентни и одговорни граѓани, вели Бардил Јашари, извршен директор на Фондацијата Метаморфозис.
Тој додава оти е од суштинска важност посветено и инклузивно да се работи на негување на култура на кибер-отпорност, заеднички со сите засегнати страни, па затоа на оваа конференција се очекува да се приклучат претставници од институции, граѓански организации, медиуми, академскиот сектор, бизнисот, експерти и граѓани од Европа и пошироко, за заеднички да продискутираат и да произлезат со конкретни решенија и идни чекори за акција.