ИВАН ТРПОСКИ И НАДА ИВАНОСКА ВО „БРАЧНИТЕ ВОДИ“ (13)

ДЕЛ ОД ЖИВОТНАТА ПРИКАЗНА НА ИВАН ТРПОСКИ ОД СИДНЕЈ, АВСТРАЛИЈА ВО ДЕЛОТО „ОВА Е МОЈОТ ЖИВОТ“ 

Ова продолжение ќе го посветиме на периодот на влегувањето во„брачните води“ на Иван Трпоски и Нада Иваноска во далечната 1967 година. Притоа ќе пренесеме интересни случувања во тие почетни години на нивниот успешен брак. Така, за ова продолжение Иван ќе го напише следното:

Во подготовките на свадбата ми помогнаа сите роднини и пријатели. Свадбата ја закажавме за 1. 1. 1967 година, а ќе започне пред полноќ. Ја закажавме за овој датум од интерес што на веселба­та, покрај другите наши роднини и пријатели, сакавме да бидат со нас и другарите кои се школуваа на факултети во Скопје и Белград (Кристафил, Јордан, Гулапка и Лазор). За одајче, за нас младите, ни беше доделена од страна на родителите, половина од пондилата, која најпрво ја преградивме, а потоа ја малтерисавме и ја бетони-равме… За сè ова да се направи требаа пари, а нив ги немаше. Па за тоа моравме да ја продадеме кобилата. Идната сопруга Нада пред време си го донесе намештајот: Спална, со си церги за подот, јорга-ни и чаршави, перници со пердуви итн. Мајка ми ни подари црвена јамболија (која како редок спомен ја чуваме и денес во Австралија). За свадбата ги поканивме сите оние што дојдоа на свадбата од сес­тра ми Ристана, а оние кои не ни дојдоа, нив не ги поканивме.

Вечерта, покрај неколкуте постари роднини од подалечните села, кои беа дојдени дома за да го прославиме дочекот на Новата 1967 година, беа и следниве другари: Кристафил Трпоски, Јордан Ристески, Лазор и брат му Ристо Трпкоски, Борис и Ристана Јанкоски, Ристо Секулоски и Благица Матлиоска од Струга. По одбројувањето на последните секунди пред почетокот на Новата година, веселбата го постигна својот дострел. Така, сите радосни се бакнувавме, чес­титајќи си ја заемно Новата 1967 година. По оваа радосна сеанса, некои побараа да појдеме и на невестата Нада да ѝ ја честитаме Но­вата година. Речено ‒ сторено.

Со песни излеговме и така распеани поминавме низ сретсело, па стигнавме во домот на невестата. Нада и нејзините домашни и неколку нивни роднини дојдени од сосед­ните села, кои беа позаспани, станаа за да нѐ пречекаат. Во таквиот радосен метеж дојдоа и првиот братучед на Нада, Трајко и неговиот братучед Диме Шкуртески. Тие ја поддржаа веселбата како чекачи (домаќини), кои се погрижија да нѐ напиваат со ракија. Трајко, како што им е познат на мнозинството во Волино и околината, како лошо момче, најпрво почна да мава со тупаници на таванот, на кој отвори повеќе дузини со дупки. Бесот не го задоволи со тоа, туку со брату­чед му Диме се погрижиле, во едно од шишињата со кое нѐ напиваа ракија, да стават и пепел. Мајка ѝ на Нада, Мара, го забележала тоа и ги укорила со зборовите: „Немојте, ќе ги отруете децата!“ Внук ѝ Трајко, дрско ја оттурнал и ѝ рекол: „Да молчиш, оти забите ќе ти ги искршам!“ Мара, стигнала да ѝ каже на Нада, а Нада на сите нам ни кажа од посоченото шише да не пиеме ракија. Но не стигнал никој да му каже на Јордан. Затоа само тој на свадбата беше болен и цел ден повраќаше. Пакосниците, наречени чекачи или домаќини, на сила сакаа да нѐ напиваат ракија, не испуштајќи го шишето од своите раце. Во еден миг, брат ми Спаско им го истрга шишето и го фрли во прозорецот, по што и прозорецот се скрши и шишето надвор се парампарчоса. По овој настан настана општа тепачка. Трајко и Диме физички го нападнаа Спасе и од него бараа шишето веднаш да им го врати назад.

Ние не останавме со скрстени раце за да гледаме ќеиф како овие двајца јуришници се пресметуваат со Спасе. Набрзина се разменија и пцости и шлаканици, и боксови и клоци, сè додека некои од присебните луѓе не пробаа да нè растргаат. „Засрами се“, му реков на Трајко, „го донесе братучед ти Диме за да ѝ ја растуриш свадбата на братучеда ти Нада…!“ Револтирани од настанот, домаќините ги избркаа пакосните чекачи, а ние ја продолживме веселбата. Но на-равот на ѕверовите не можеа да им го смират нивните родители, па така, од постела ги скорнаа и стриковците, за да им ја одбранат изгу-бената чест. Со актерите на тепачката Трајко и Диме, на сретсело нѐ чекаа со стапови и со други одбранбени предмети, нивните родители Драган и Дејан и нивните стриковци Науме и Томо Шкуртески. Во еден миг, моменталната глетка во мене разбуди една сложена енигма, која треба доживотно да ја одгатнувам. А таа се состои во следното: Јас, како што спомнав во поранешните записи, секој викенд одев да ја посетувам братучеда ми Слободанка, која се наоѓаше на лекување во Белград, а сега, на мојата свадба, пред мене, со истопорена секи­ра, го гледам нејзиниот татко, Томо Шкуртески!? Оваа енигма, еве и по повеќе од четири децении, не можам да ја одгатнам. За миг се изрекоа многу заканувачки зборови. Се разменија навреди, пцовки, клетви… Ние напиени, а тие трезни, ние голораки, а тие наоружани. Тоа беше вечерашниот биланс, во кој можевме да го платиме прече­кот на Новата 1967 година со бројни жртви, а мојата свадба можеше да стане крвава, која ќе се паметеше и преприкажуваше не само во Волино туку и многу пошироко.

Прво утро во 1967 година. Надвор снежи. Луѓето се раста-нати. Додуша, мнозинството по немилиот настан очи не склопија. Мајка ми, кутра, се довудвоса. Ноќта ја испрати со плачење. Нај­многу мразеше кавги, лаги, клевети. Сакаше посиромашен, но че­сен живот. Кавгата не доаѓа сама, за неа се потребни најмалку двај­ца. Тоа и се случи. Но, денес тоа треба да се заборави и треба да се тргне кон радост. Свирачката тајфа на Јове Тасески од Завој, од пред село ја најави денешната веселба. Девојките ја месат сваќа­та. Свирачите редат свадбени песни една по друга. Подготвен е и сватовскиот бајрак. Честитки од дојдените роднини и пријатели до домашните. Најповеќе до зетот. По ручекот се тргнува. Бајрактарот Борис Јанкоски е прв. Зад него е зетот Иван со деверите Кристафил Трпоски и Ристо Стоески. По нив, во групи, со песни, се оди во правец кон невестинската куќа. Повеќето од девојките и жените се облечени во колоритна волинска носија. Тие со својот тенор-ски глас ги надвикуваат мажите. Глетката е величествена. На сред село, токму на местото каде ќе се испробаа силите на денешните свадбари и сношните провокатори (кои сега срамно ѕиркаа од до­машните прозорци), се развива најголемото оро.

Веселбарите, под тактот на свирачките инструменти, на кои прстите им потекоа од студ, пеат, клекнуваат, се вртат, играат, се веселат. Чекачите од сватоштињето со шишиња полни со ракија и вино, најрадосно нè пречекуваат. Влегуваме во куќата, во која де­војките ја подготвуваат невестата. Глетката во таванот, од синоќни-те јуришници, кои го изрешетаа со своите тупаници, е мошне грда.

Но тоа не ѝ пречи на веселбата за да ѝ го намали нејзиното темпо. На време се извршија сите свадбарски обичаи. Невестата пред да ја извадат надвор ги дарува роднините. Зема збогум од најмили­те. И по целовечерното плачење, Нада е прекрасна. Девојките кои ја подготвуваа и другите жени и ја испеаја мошне чувствителна песна: „Черешна се корнеше од корен, Нада се од мајка делеше.“ Излегуваме. Времето е ладно. Децата си дувкаат во смрзнатите пр-стиња. Писката на кларинетот мрзне. Свирачот Јове Тасески со ра­кија ја одмрзнува. Поканетиот струшки фотограф Жика Рафтоски од некакви причини не допатува за да ги сними поважните настани од овој свадбарски ритуал, па ние ќе мораме да се задоволиме и од неколкуте фотографии на аматерот Ристо П. Трпкоски. Повтор­но еве нѐ на сред село. Сега со нас е и невестата. Оттука мора­ме повторно да поминеме.

Бајракот високо е развеан. Овде како сите волинци да се насобрале. Дошле за да ги видат веселбарите, а најмногу невестата. На изненадување на многу селски шпиуни, ние не отпатувавме на венчање во црквата „Св. Богородица“. Не им го направивме тоа задоволство, за да не можат да нѐ рапортираат до нивните претпоставени. По шпиoнажата, Нада, можеше лесно да ја изгуби работата, а јас никогаш (како што и не ја добив) не ќе можев да се вработам, како верник на Господ. Еве сме, со песни, се враќаме со невестата во домот од зетот. Не изостануваат свадбени­те обичаи. Нѐ провираат под јарем за да влеземе в куќа. Со жеглите од јаремот по грбови нѐ удираат. Невестата ја удираат во тланикот, за умот и телото да ѝ останат тука, а не да ѝ лудуваат по други по-стели. Потоа ја седнуваат и во скутот на свекрвата, во знак на вечна љубов на релација невеста ‒ свекрва.

Во заедничкиот дом, во кој од денес Нада и официјално стана нов член во фамилијата Трпоски, веселбата продолжува со исто тем­по. Вечерта Нада помина по масите за да ги напие луѓето со ракија. Потоа дедо ми Целе Спироски посака да му гувееме над тиква: јас, Нада, Кристафил, Ристе Стоески, сестра ми Ристана и зет ми Борис. Моравме сите да се наведнуваме и да стануваме рамно со невеста­та. Кој ќе беше подолу или погоре, Целе го удираше со патерицата по грб. Најмногу ќотек доби Кристафил, зашто беше најкрупен. По гувеењето, на Нада, Целе ѝ даде 1000 динари. Некаде кон 22.30 ча­сот, со свирки, нас со Нада нѐ затворија. На собната врата, за адет, скршија неколку грнци.

А потоа преминале на бесење (со главата долу, нозете горе) на моите најблиски роднини, за да ветат и дадат нешто вредно, за заеднички да се јаде и пие. За смеа качиле и прасе по скала горе. Утрото со свирки нѐ разбудија. Невестата со барде им потураше за да се измијат поцрнатите саждосани веселбари. Така, по сите пагански и модерни обичаи, свадбата дојде при крај. Пред сјодвење невестата сите роднини и пријатели пристојно ги да­рува. Другите денови, јас и Нада појдовме во матичната служба во село Требеништа за нашиот брак и по регистерска процедура да го озакониме. Тоа го стори матичарот на месната канцеларија во село Требеништа, Благоја Спироски, а го потврдија и сведоците Панде Јованоски и Здравко Митрески. по кое следуваше мало засладување со локум и наполитанки, а наздравување со домашна ракија.

Проодолжува

1sla2Подготвил: СЛАВЕ КАТИН