Посетата на еден германски претседател е секогаш важен настан, дури и кога се во прашање најголемите држави во светот, а не пак кога доаѓаат во една мала европска земја како нашата. Иако, тој сигурно не би сакал за тоа многу да се зборува, морам да споменам дека претседателот Штајнмајер имаше значајна улога во напорите да ја надминеме бугарската блокада на нашите евроинтеграции, вели за ДВ претседателот Стево Пендаровски, кој денеска и утре е домаќин на неговиот германски колега Франк-Валтер Штајнмајер.
-Личниот авторитет и интегритет на актуелниот германски претседател е голема додадена вредност, затоа што, неспорно, станува збор за еден од најголемите политички авторитети во светот во последнава деценија. Мојата прва билатерална посета како претседател беше токму на Берлин и оттогаш имав чест во повеќе прилики да се среќавам со господинот Штајнмајер, при што изградивме лични релации на взаемна доверба и почит. Иако, тој сигурно не би сакал за тоа многу да се зборува, морам да споменам дека претседателот Штајнмајер имаше значајна улога во напорите да ја надминеме бугарската блокада на нашите евроинтеграции, вели Пендаровски.
Тој нагласува дека претседателот Штајнмајер е со завиден бекграунд и искуство во областа на дипломатијата и безбедноста, и истовремено е еден од најдобрите познавачи на нашиот регион. Така што, сигурно, вели, ќе има што да каже за тоа како подобро да ги контролираме тензиите кои се појавуваат одвреме-навреме и евентуално да се приближиме до оддржливи решенија за неколкуте отворени прашања кои постојат на Западниот Балкан.
Тој наведува дека Северна Македонија и Германија следната година ќе одбележат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи (16.12.1993 година), а во целиот тој период Берлин има значаен придонес во стабилизирањето на македонската економија.
-Секоја објективна анализа ќе покаже дека – ако САД и Велика Британија беа клучни екстерни актери, кои во раните ‘90-ти години ни помогнаа да ја етаблираме во меѓународни рамки младата македонска држава, Германија, без сомнение, најмногу придонесе да ја стабилизираме економијата и стандардот на живеење на граѓаните. Само неколку факти се доволни за да ја поткрепат оваа теза: Германија е наш најголем трговски партнер со години наназад, 45% од нашиот извоз се пласира во Германија, а, 200 компании со германски капитал вработуваат околу 15.000 македонски граѓани, нагласува претседателот Пендаровски.
Германскиот претседател Штајнмаер денеска во Вила Водно ќе биде пречекан со највисоки државни и воени почести, по што ќе следува тет-а-тет средба на двајцата претседатели и пленарен состанок на делегациите на Северна Македонија и Германија. Штајнмајер ќе се обрати и во Парламентот, а предвидена е и негова средба со премиерот Димитар Ковачевски, попладне во Владата.
Во рамки на дводневната посета, во црквата „Св. Спас“ во Скопје, Штајнмајер и Пендаровски ќе положат венци на гробот на Гоце Делчев.
Ова е прва посета на федералниот претседател Штајнмаер на Република Северна Македонија.
По Северна Македонија, Штајнмаер заминува во посета на соседна Албанија.