Агелер: САД целосно ја поддржуваат интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ

Американската амбасадорка во Северна Македонија, Анџела П. Агелер денеска ја изрази целосната поддршка на Вашингтон на процесот на интергација на земјава во  Европската Унија.
Агелер на средбата со вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, нагласи дека ова е важно време за Северна Македонија, донесени се тешки одлуки за отворање на патот кон ЕУ, за што земјата е целосно поддржана од САД.
Битиќи, како што се наведува во соопштението на прес-службата на Владата ѝ посакал добредојде и успешен мандат на амбасадорката Агелер во Северна Македонија и изразил благодарност за одличната работа и отворена соработка на претходната американска амбасадорка Кејт Мери Брнз.
Во соопштението се додава дека Битиќи и Агелер се согласиле со заеднички ангажман и натамошна комуникација, да работат посветено на унапредување на меѓусебната економска соработка која ќе оди рака под рака со преговорите за членство со ЕУ, но пред сé за подобар живот на сите граѓани на Република Северна Македонија.
-Во таа насока, Северна Македонија како полноправна членка на НАТО е сигурен партнер за инвеститорите во земјава, а Владата постојано работи на предвидливост и стабилност на за развој на бизнисот, што води кон развој и раст на домашната економија, се додава во соопштението во врска со средбата Битиќи-Агелер.