Ковачевски: Обновливите извори на енергија се иднината на регионот, инвестициите во зелената транзиција се клучни

Република Северна Македонија како земја од Западен Балкан која е насочена кон просперитет и развој, интензивно работи на обезбедување на енергетска стабилност и независност за што има донесено мерки и модели на краток, но и на подолг рок, но и нова Стратегија за инвестиции во зелена енергија, истакна премиерот Димитар Ковачевски денеска во Белград на панел дискусијата за можностите за инвестиции во обновливи извори на енергија во земјите од Западен Балкан на која учествуваат инвеститори од Норвешка.

Тој посочи дека Северна Македонија е фокусирана на обезбедување на енергетска стабилност во услови на светска енергетска криза за што има краткорочен план кој до сега успешно се спроведува со активирање на сите капацитети за домашно производство на струја. Но, како што додаде Ковачевски, земјата има и долгорочен план со кој се стремиме кон декарбонизација и насочување кон она што го имаме во изобилство, производство на струја од ветер, сонце и вода.

-Република Северна Македонија е првата земја во регионот на Западен Балкан која усвои Стратегија за развој на енергетскиот сектор во 2019 година, заснована на столбовите на Зелениот договор на ЕУ. Ние сме првата земја која спроведува проект за замена на стара термоцентрала на јаглен во Осломеј, Кичево, на место каде што веќе градиме 120 MW соларна централа на местото на поранешниот рудник за лигнит. Ова е конкретен чекор кон енергетската транзиција на Северна Македонија и покажува силна волја за декарбонизација на нашиот енергетски сектор, а со тоа и декарбонизација на нашата економија, рече премиерот Ковачевски.

Тој посочи дека Владата на Република Северна Македонија како ниедна до сега вложува во енергетиката и во проекти кои на среден и долг рок ќе носат само бенефит. Тоа, како што нагласи Ковачевски, се гледа во посветеноста на енергетската транзиција на земјата, затоа што тоа е иднината и за енергетска независност на земјата, но и на целиот регион и за заштита на животната околина.

Целта на Конференцијата е да ја зајакне соработката во можностите за развој на капацитети за обновливи извори на енергија во земјите од Западен Балкан кои треба да обезбедат енергетска независност.

Регионалната конференција за можностите за инвестирање во обновливи извори на енергија во Западен Балкан е во организација на Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград и Сараево и претседателот на Србија, Александар Вучиќ во соработка со Нордиската стопанска алијанса.