Безбедносната состојба во регионот и интензивирањето на билатералната соработка помеѓу Северна Македонија и Црна Гора, како две сојузнички земји во Алијансата, беа темите за кои разговараа на денешната средба министерката за одбрана Славјанка Петровска и министерот за внатрешни работи и вршител на должноста министер за одбрана на Црна Гора, Филип Аџиќ.
– Северна Македонија и Црна Гора како членки на НАТО имаат одговорност и обврска да ги штитат мирот, безбедноста и стабилноста во регионот. Најдобар одговор на безбедносната нестабилност предизвикана од руската агресија врз Украина е уште посилната и посеопфатна одбранбена соработка која придонесува за зголемување на капацитетите на двете Армии и зајакнување на интероперабилноста со сојузниците, истакнала министерката Петровска на средбата.
Како што соопштија од МО, двајцата министри се заложиле за продолжување на соработката во доменот на школувањето и обуките.
Министерот Аџиќ, пак, се заблагодарил за можноста за обука на припадниците на Војската на Црна Гора на армискиот полигон „Криволак“.
Петровска и Аџиќ се осврнале и на справувањето со хибридните и сајбер закани, особено имајќи предвид дека сме сведоци дека цел на напади се и држави од регионот, земји членки на НАТО.
Се согласиле дека остануваат посветени на развојот на билатералната одбранбена соработка и дека и двете земји како НАТО – членки, претставуваат столб на безбедноста во регионот.
На Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ се школуваат и питомци од Црна Гора, што е доказ за нејзиниот квалитет и приказ на доверба од Црна Гора дека Воената академија продуцира офицери со воени и лидерски вештини. Во моментов на Академијата се школуваат 15 питомци од Црна Гора.
Северна Македонија и Црна Гора во областа на одбраната соработуваат од 2007 година, кога беше потпишан и Меморандумот за соработка. Планот за билатерална соработка за 2022 година предвидува 17 заеднички активности, од кои 11 се во Северна Македонија, а 6 во Црна Гора. Во овој план се опфатени средби на највисоко ниво, билатерални консултации, експертски разговори во одбранбената политика, набавките и модернизацијата, како и школувањето на питомци на Воената академија.