ВЛИЈАНИЕТО НА МИЈАЧКИТЕ ГРАДИТЕЛИ НА РАЗВОЈОТ НА ГРАДИТЕЛСТВОТО И ГРАДБАТА НА ЈУЖЕН БАЛКАН И МАЛА АЗИЈА“ (1)

„МИЈАЧКОТО СТАНБЕНО ГРАДИТЕЛСТВО – ПОТЕКЛО, РАЗВОЈ И ДОСТРЕЛИ“ ОД Д-Р МЕЛАНИЈА ШЕРДЕНКОВСКА

Во овој труд Мијачката градителска традиција се разгледува од аспект на преселбите и работата на тајфите низ Македонија и балканските земји под Османлиска владеење. Го следиме влијанието на Мијачките градителски тајфи на развојот и критериумите со кои се гради објектот и развојот на естетското чувство кај месното население, за понатаму да го иницира развојот на градителството и останатите уметнички занаети, преку активно учество на месното население во градителските тајфи, но и нивно понатамошно организирање во тајфи и сопствен развој на оваа дејност. Овој труд е составен дел на докторската теза Мијачко станбено градителство – потекло, развој и дострели, издаденa  како книга со истиот насловпреку издавачката куќа Матица Македонска, во 2016 година.  Во докторската теза е докажана  главната хипотеза на истражувањето – МИЈАЧКИТЕ ГРАДИТЕЛИ СЕ ЕСЕНЦИЈАЛНИТЕ ВТЕМЕЛУВАЧИ НА ГРАДИТЕЛСТВОТО НА ПРОГРАМСКИ И ОБЛИКОВНО ДЕФИНИРАНАТА КУЌА НА ЈУЖНИОТ ДЕЛ НА БАЛКАНСКИОТ ПОЛУСТРОВ И ЗАПАДНИОТ ДЕЛ ОД МАЛА АЗИЈА.

При анализата на градителството и градителските традиции во Македонија, и пошироко на Балканот, сите автори се согласуваат дека Мијачкиот крај е местото од каде што потекнува плејада мајстори – градители. Неколкугодишните истражувања на терен, недвосмислено упатија на нивниот особено  различен начин на градба и однос кон градителството воопшто. Во минатото, во сите краишта на Македонија, селската куќа ја задржала својата утилитарност, изградена од месните мајстори или од самиот сопственик, од материјалите кои ги има во најблиската околина, ослободена најчесто од декоративните елементи, освен оние кои ги создава основната форма или конструктивниот елемент. Меѓутоа она што уште во првиот момент може да се забележи при посетата на селата на Мијаците е еден посебен однос кон куќатаи градбата воопшто. Исконскиот однос кој поединецот го носи во себе кон домот, а особено односот на мајсторот кон градбата, нејзината целовитост и секој поединечен елемент, можеме да го почувствуваме на секој чекор.

Кога се зборува за градителството во овој крај се наметнува констатацијата дека се работи за една исклучителна појава, која е длабоко вкоренета во нивното битие. Затоа може и да се зборува за карактеристиките – особина, вештина, кои со векови наназад се пренесувани на генерациите кои доаѓаат, најчесто во рамките на фамилијата. Основната дарба за обработката на каменот и дрвото, нивните логички врски во една стабилна градба, а особено чувството за естетика во применетите форми и склопови на применетите материјали, била постојано надоградувана и менувана, прилагодувана на потребите и барањата. Цврстиот и масивен камен во првото, односно во првите две нивоа, силно се спротивставува на бондручната конструкција на последното ниво, затворено, најчесто, со темно обработено дрво. Основната форма добиена со извонредно избалансираниот однос – контраст на масивно и лесно, на светло и темно, на камен и дрво, богато е надополнета со едноставни, но ефектни детали, со што се создава една извонредно складна целина. Тоа се одлично изработените отвори на вратите, обработката на прозорските отвори, агловните камени блокови, еркерот и најживописниот елемент – ризалитите и аркадните ризалити.

1la212 Куќа во Лазарополе

Меѓутоа она што најмногу одушевува, тоа е прилагодувањето на објектите, промената на основниот тип, кој е евидентен секаде каде што можеме да го следиме градителството на овие мајстори. Климатските услови, топографијата на теренот, обичаите на месното население, често и желбите на инвеститорот се максимално почитувани, но сето тоа ни малку не ги намалува  естетските вредности на објектот. Напротив во секое подрачје се создава различен и по своите особености карактеристичен лик на објект, во кој се вткајува особеноста на местото односно се  оформува препознатлива матрица на даденото место, слично на архетипската, која со мали модификации ги задоволувала широко поставените критериуми на квалитетен станбен простор.  Постојано надоградувајќи ги своите искуства, особено на полето на естетиката, овие градители, во последната фаза на нивната богата дејност, се навраќаат на основните форми и отфрлајќи го еркерот, создаваат извонредно пропорционални призматични објекти, со квадратна основа и пирамидален кров. Мајсторите градители, сублимирајќи ги вековните искуства, вообличиле еден специфичен тип на куќа, карактеристичен за овој крај и неговиот, по многу нешта, специфичен начин на живот.

Разгледувајќи го градителството во овој крај, во некои основни карактеристики, неминовно се наметнува констатацијата на неговата особеност, односно исклучивост, во однос на селското градителство во останатите краишта. Според својата функционалност и естетичност, овие објекти скоро редовно ја надминуваат и градската архитектура. Оваа појава на вкоренето градителство и воопшто уметничко изразување, во дејноста и суштествувањето на ова племе, како што ќе покажат истражувањата, има есенцијална важност во развојот на градителството на просторот на Македонија, но и пошироко на јужните делови на Балканот и Мала Азија.

Посебната склоност на Мијаците кон конструкцијата, градителството и останатите уметнички занаети се должи на долговековното прифаќање на движењето на Богомилите, што доведува до раскинување на стегите, што ги наметнува институцијата Црква, а со самото тоа и ослободување на личноста и нејзините највисоки креативни и интелектуални потенцијали.

Почнуваќи од XV век, поточно од победата на Турците над Ѓорѓи Кастриоти и потполното освојување на Албанија, Мијаците се под постојан притисок од албанското население. Многу чести биле насилствата на организирани албански групи над македонското население, кое до тој период било населено длабоко во територијата на денешна Албанија. Исто така познат е и теророт на некои паши од овој крај, како што се Али паша Тепелиниски и Али паша Јанински. Од тогаш почнуваат преселбите на цели фамилии кои се населувале во Реканскиот крај, меѓутоа бидејќи насилствата на Албанските групи неретко се случувале и тука, заминувале длабоко во територијата на Македонија, на Косово, во Егејска Македонија и Бугарија.

Преселбите станале почести во XVIII век. Во Македонија тие ги населиле селата Папрадиште и Ореше во Велешкиот крај, Смилево во Битолскиот, Слепче и Еловце во Прилепскиот, Козјак во Кривопаланечкиот крај, како и во Крушево, каде се населиле заедно со Власите. Во Егејска Македонија најмногу се населувале во Костурскиот крај, а оттаму се преселуваат во Тиквешијата, Овче Поле, Радовиш, Струмица, Петрич, додека во Бугарија преселниците ги наоѓаме на целата територија.  Во сите краеви каде што се доселиле Мијаците, забележуваме силен развој на занаетите, кои тие особено ги познавале – градителството, резбарството и зографството.

Продолжува 

1kat-melanija Пишува д-р Меланија Шерденковска