ИСТОРИСКИОТ РАЗВОЈ НА ЦРКВАТА НА ДЕВА МАРИЈА ВО ЕФЕС (28)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ИЗРАЕЛ И МАКЕДОНИЈА“ НА СЛАВЕ КАТИН

Живописниот предел каде што е изградена куќата на света Богородица посетителот го потсетува на пределите кои се земени за пример при изградбата на христијанските манастири во светот. А, таму, според обичаите, по поклонувањето во Црквата, излегувањето од храмот и миењето со светата вода, според обичаите и верувањата, посетителот станува аџија.

Просторот привлекува со својата убавина и живопис, а Црквата претставува место каде илјадници христијани и муслимани доаѓаат да се поклонат и да се помолат. Се чини дека во две илјадитата година Црквата беше најпосетена на 15 август, кога се одржа најголемиот собир по повод Третиот милениум од христијанството, кога Црквата беше посетена од илјадници верници, намерници, христијани, муслимани и други.

Инаку, според пишаните документи познато е дека свети Јован ја донел света Богородица во Ефес во четвртата или петтата  година, веднаш по распетието на Исус Христос. Куќата на планината Билбил, која била подготвена и направена од свети Јован, се наоѓа на 420 метри надморска височина.

Според кажувањата куќата ја открила германската калуѓерка Ана Катерина Емерич, која својот живот го посветила на Бога, била парализирана и воспоставила духовна комуникација со света Богородица. Нејзе во бесвесна состојба и’ се прикажувало, се вели во документите, дека Богородица е закопана во близина на Црквата.

Тоа го потврдиле некои лазаријански свештеници кои во 1891 година го откриле местото на куќата во која света Богородица ги поминала последните денови од животот. Така, било откриено дека зградата во форма на крст и кубето биле руинирани, но подоцна биле реставрирани.

Во текот на нашата посета на куќата на света Богородица бевме запознати со многу детали за откривањето на храмот, за посетите и почитта од страна на христијаните и муслиманите кон овој духовен центар. Притоа, силен впечаток оставаат големата статуа во дворот пред црквата, каде човек има чувство дека света Богородица ги пречекува дојденците и добронамерниците со раширени раце.

Статуата, пак, на света Богородица во апсидата, била поставена пред стотина години и претставува прекрасен примерок преку кој секој се поклонува и и’ оддава почит на мајката на Исус Христос.

Во текот на вечерните часови се вративме во неколку милионскиот Измир, каде бевме сместени во ексклузивниот хотел „Ефес“, што се наоѓа во центарот на градот и е од висока категорија. Градот, пак, чие турско име е Измир, е познат и по името Смирна. Тој е најважното морско пристаниште во Мала Азија, на брегот на Егејското Море и е трет град по големина во Турција. Смирна е стара јонска населба која била обновена во IV век прд Христа.

За време на Римската Империја и Византија, Измир бил еден од најголемите градови во Мала Азија. Во неговата историја стои дека градот бил под власт на Татарите, кои го опустошиле, потоа под Елините, кои во градот ги погрчувале, а во 1922 година е ослободен од Турците на чело со Кемал Ататурк. Ова многу значајно морско пристаниште и стратешки копнена локација, во 1952 година станала значајна база на НАТО.

Посетата на велеградот Измир ни остана во трајно сеќавање. Имено, во текот на првиот ден делегацијата од Република Македонија во чиј состав се наоѓаше и авторот на овие редови Славе Катин, беше примена од градоначалникот на Општина Борнова, господинот Ченгиз Булут, кој по потекло е од селото Сирково, Кавадаречко, а е роден во Измир.

Тој со својот убав македонски јазик пленуваше како соговорник. Тој виден граѓанин на Општината Борнова приреди свечена вечера за делегацијата од Македонија. Притоа нè информира дека Општината Борнова  брои околу 500 илјади жители, меѓу кои, според некои показатели 30 отсто се турски граѓани од Македонија, претежно исламизирани Македонци.

Тоа го потврдивме при нашата прошетка покрај морето, каде сретнавме голем број жители кои зборуваа македонски и со задоволство застануваа да се поздрават со нас, гостите од Македонија. На вечерата, пак, покрај видните граѓани на Турција од македонско потекло, како што беше пратеникот Кемал Вата, присуствуваше и заменик-валијата на Измир господин Рамаза Ирганџиоглу.

Се чини посетата на Општина Борнова за нас беше посебно доживување. Имено, во Домот на културата во оваа општина на делегацијата и’ беше приреден незаборавен пречек. Неколку стотици граѓани нè чекаа како гости од Република Македонија. Тука беше и оркестарот за македонска народна музика кој нè пречека со македонски песни и ора.

Ги слушнавме „Битола мој роден крај“, „Македонијо“, „Зајди, зајди јасно сонце“ и други познати песни и ора. Се почувствувавме како да сме во Врановци, во Жировница, во Жупа, во Македонија. На пречекот, покрај домаќините, присуствуваа повеќе претставници на Друштвото „Румели“, ученици и други видни граѓани кои живеат и работат во Измир, особено во Општината Борнова. Меѓу нив беа д-р Шабан Акарбаи, спортски доктор на турската репрезентација, по потекло од Велес и д-р Измаил Бајрактар кој ни преведуваше од турски на македонски и обратно, како и други видни турски граѓани по потекло од реканскиот, велешкиот и други краишта на Македонија.

По срдечниот пречек беше организирана трибина на која учествуваа околу 200 учесници, од кои голем број од различни асоцијации на турски жители од целиот Балкан и пошироко, кои добро соработуваат со жителите на Борнова. Во разговорите стана збор за соработката на општествен, културен  и друг план, како и за заедничките интереси на граѓаните од двете држави – Република Турција и Република Македонија.

Продолжува

1sla1 Пишува: СЛАВЕ КАТИН