Средба на Џафери со новоименуваната амбасадорка на САД, Агелер

Претседателот на Собранието, Талат Џафери денеска имаше средба со новоименуваната американска амбасадорка во земјава Ангела П. Агелер.

На средбата, прва по нејзиното стапување на амбасадорската функција, претседателот на Собранието Џафери изрази убедување дека Агелер во текот на нејзиниот мандат ќе даде значаен придонес во понатамошното унапредување на билатералните односи меѓу Северна Македонија и САД, како стратешки партнери.

– Џафери, поздравувајќи ја одлуката на САД за зголемување на вниманието врз регионот, се заблагодари и на поддршката што Соединетите американски држави, како наш значаен партнер, ја даваат во континуитет во различни области. Тој се заложи и за динамизирање на средбите и размена на меѓусебните искуства на парламентарно ниво, соопштија од Кабинетот на претседателот на Собранието.

Амбасадорката Агелер истакна дека САД се свесни за досегашните тешки одлуки донесени од земјата и се запознаени со идните предизвици што треба да се надминат за реализирање на интеграцискиот процес во Европската унија.

Во таа насока, се наведува во соопштението, таа изрази уверување дека САД ќе продолжат со поддршка и активно давање на својот придонес. Таа го поздрави и ангажманот на Северна Македонија, како членка во НАТО, во однос на постојната ситуација со Украина, каде нашата земја дава свој придонес во безбедносен и хуманитарен аспект.