ДЕЛ ОД РОМАНОТ „АЛЕКСАНДАР ВЕЛИКИ“ (МАКЕДОНСКИ) ОД
УЛРИХ ВИЛКЕН ВО ПРЕВОД НА СЛАВЕ КАТИН
Роман „Александа Велики“ од германскиот научник Улрих Вилкен (Ulrlich Wilcken ALEXANDER THE GREAT), го преведе и прилагоди од англиски на македонски како „Александар Македонски“ Славе Николовски-Катин, а го издаде Издавачката куќа „Мисла“ од Скопје, во 1988 година, на 390 страници. Преводот на романот „Александат Македонски“ беше прво дело за античка Македонија на македонски јазик и беше добро прифатен пред триесет и пет години.
Мараканда беше ослободена, но по повлекувањето во северните степи и набавување 6.000 коњаници од сојузничките номади, Спитамен целосно ги порази и уништи експедиционите корпуси кај Политимет и изврши повторно опсада на Мараканда.
Потоа Александар Македонски ја напушти реката Јаксарт и лично замина кон Мараканда со контингент на лесни единици. Растојанието од 180 милји од Којенд до Самарканд го помина за три дена и неколку часа. Штом се пренесе веста за приближувањето на Александар Македонски,
Спитамен избега во степата. Александар Македонски го следеше до Политимент, ги потчини луѓето на северната граница и остро ги казни бунтовниците. Потоа, тој ја сврте својата војска кон југ кон Бактрија и го започна своето зимско логорување (329-328) во главниот град Бактра.
И наредната година (328), Александар Македонски беше преокупиран со жестоко војување против бунтовниците во Бактрија и Согдијана. Дел од војската под команда на Кратер остана во Бактрија а другиот дел со кој Александар Македонски отиде во Согдијана, мора да бил поделен во пет колони за да ги фати широко распроснатите бунтовници од кои голем број избегаа во тврдините. Откако беше скршен нивниот отпор колоните се соединија за борба во Мараканда.
Додека Александар Македонски се уште се бореше против бунтовниците, Хефестион испланира неколку градови во Согдијана. Истата година Фарасман, кралот на Хорасмијанците кој живееше во далечниот север му изрази почит на Александар и склучи сојуз и пријателство со него.
Во меѓувреме, Спитамен, поддржан од своите пријатели Масагетите изврши ненадеен напад на Бактрија, земајќи богат плен од околината на Бактра. Гарнизонот на градот тргна да го следи, но беше измамен од Спитамен со заседа и поразен со многу загуби. Кратер потоа побрза и му зададе силен пораз пред Спитамен да навлезе во пустината. Спитамен значи пак успеа да побегне во пустината и ненадејно ја нападна Согдијана, овој пат придружен од 3.000 Масагетајци.
Во меѓувреме Александар отиде на зимско логорување (328-327) во Наутака, а командата за Согдијана му ја препушти на Коен, под чија команда Спитамен претрпе голем пораз. Но, неговата судбина беше запечатена со акцијата на Масагетајците. На веста дека Александар Македонски има намера да ја окупира пустината, тие го прекршија договорот за сојуз, му ја пресекоа главата на Спитамен и му ја испратија на Александар Македонски.
Co овој трагичен крај на големиот xepoj практично заврши и иранскиот отпор за независност. Само се задржаа мал број бунтовници во некои непристапни каменити тврдини во југоисточните планини на Согдијана.
Во пролетта 327 година, Александар Македонски тргна во напад од Наутака против тврдината на Аријамаз сместена на Согдијанската карпа во која многу од бунтовниците ги оставија своите жени и деца, меѓу кои беше и бактријанскиот принц Оксијарт, еден од другарите на Бес.
Кога Александар викна одоздола да се предадат, тие му одговорија одозгора со потсмев дека тој и неговите војници треба да знаат да летаат бидејќи на никаков друг начин не ќе можат да дојдат кај нив. Александар Македонски потоа понуди високи награди за оние што ке се качат на највисокиот врв кој се надвиснуваше над тврдината. Како што и се случи, имаше 300 смели планинари меѓу Македонците, кои се зафатија да го извршат овој опасен подвиг во ноќно време.
Триесетмина паднаа при качувањето, а другите успешно се искачија со помош на јажиња и железни долги клинци од шаторите што ги набиваа во снегот или во замрзнатите карпи. Кога рано изутрината, на нивно големо изненадување, видоа дека се опколени од Македонците, веднаш му се предадоа на Александар Македонски.
Најубавата награда што нему му припадна беше Роксана, ќерката на Оксијарт, која беше во цветот на младоста, според судот на придружниците на Александар Македонски најубавата жена што тие ја имаа видено во Азија, најблиска на Статерија, жената на Дариј, Александар страсно се вљуби во неа и одлучи да му стане брачен другар.
Оттука Александар Македонски замина кон исток во пределот на Паретацен према тврдината на Хориените, која беше сместена високо на стрмните карпи, опкружена со длабоки клисури и која се сметаше за непристапна. Александар Македонски, меѓутоа, сметаше дека ништо не е невозможно за него и за неговата војска.
Од огромните борови дрвја што растеа во планините конструира скали за да се спушти во клисурата, а потоа со помош на вештите инженерци усгдеа да изгради насип преку клисурата. Веднаш штом Александар со своите Македонци, заштитен во настрешницата од непријателската артилерија, почна да ја бомбардира тврдината, Хориен се предаде.
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН