ПОЧЕТОК НА СУДИРИТЕ НА АЛЕКСАНДАР НА ПАТ КОН ОСВОЈУВАЊЕТО НА ИРАН (36)

ДЕЛ ОД РОМАНОТ „АЛЕКСАНДАР  ВЕЛИКИ“ (МАКЕДОНСКИ) ОД

 УЛРИХ ВИЛКЕН ВО ПРЕВОД НА СЛАВЕ КАТИН

 

Тој, пак, побара безусловно предавање, бидејќи ја прекршија резолуцијата на Елините дека ни еден Елин не смее да земе персиска плата; а кога му се предадоа, меѓу нив направи разлика.

Оние што ја беа прифатиле  персиската  служба  пред основањето  на Коринтската лига беа ослободени и можеа да си одат дома; им прости и на оние што се беа приклучиле подоцна со тоа што ги принудил да служат во неговата војска под исти услови како кај Големиот крал.

Оваа постапка покажува дека Александар Македонски за Исток беше голем крал, а за Античката грчка лига беше хегемон како и порано. Тој исто така се однесуваше како хегемон на Лигата кон античките грчки амбасадори во персискиот двор, кои подоцна беа доведени пред него. Ги ослободи амбасадорите на Синоп, бидејќи тој град не припаѓаше на Коринтската лига и имаше право да испрати амбасадор кај кралот. Наспроти тоа, го задржа атинскиот амбасадор, бидејќи тој беше испратен во Персија по формирањето на Лигата.

Тој ги задржа и дипломатските претставници на Спарта, затоа што сé уште не беше донесена одлука за победените Спартанци за што Федералниот совет требаше да му се обрати на Александар Македонски.

Доколку останувањето на Александар во јужните краишта на Каспиското Mope потсетува на неговата функција како хегемон, тоа ги покажува и неговите намери за научно испитување, што се виде во Египет. Очигледно, Александар Македонски веќе беше окупиран со проблемот дали Каспиското Mope e залив на океанот или островско море, проблем на кој се посвети пред својата смрт.

Географските проблеми во голема мера го окупираа Александар Македонски и неговата свита, посебно кога, одејќи од Задракарта, главниот град на Хирканија, се движеше низ Источен Иран. Таму, тој дојде до региони за кои античките Грци или воопшто немаа информација или имаа неопределени претстави. За античката грчка географија овој ирански поход, како и подоцна индискиот, беше патување од историско значење.

Територијата што Александар Македонски ја освои во неколкугодишни борби, достигна до Бакхара на исток, Западен Туркестан до Сир-Дарија и на југ до Авганистан и до северниот раб на Белуџистан. Тоа се совпаѓа на север до намесништвата на Бактрија и Согдијана, на југ до оние на Арија и Драигијана, Арахозија и Паропамисада на Хинду— Куш.

Овие нови региони сега беа погрешно внесени во картата на светот како претходно познати и изразени со овие две особености: реката Сир-Дарија (од месното население викано Јаксарт) се претпоставуваше дека е горниот тек на Танаи (реката Дон), граничната река помеѓу Азија и Европа која се влева во Азовското Mope; a Хинду-Куш со своите гребени се мислеше дека е продолжение на Казакстан и беше наречен Кавказ. Античките Македонци никогаш и не беа слушнале за Аралското Mope, во кое се влеваат реките Оксус и Јаксарт.

Во текот на битките во Источен Иран, картата покажа дека погрешно беа претставени некои поими на земјината површина. Според Страбо, тие ја идентификуваа реката Јаксарт со Танаи, бидејќи на нејзините брегови растеа елки, а тие мислеа дека такво дрво расте само во Европа, а не во Азија. Можеби, Аристотел ги наведе на ова грешно идентификување

Тој ги доведе во врска со Танаи Аракс, како што ја нарече големата река, дека е или Оксус или Јаксарт, која тече кон север од планината Хинду-Куш. Секако, Александар Македонски и неговите луѓе, додека беа во Источен Иран, немаа претстава во кој дел на земјата се наоѓаат.

Сепак, во текот на постојаното префрлување и дијагонални напади изведени со војнички операции, тие се стекнаа со целосно познавање на територијата, со нејзините високи планини и богати рамнини со нејзините солени пустини и степи. Во историјата за Александар Македонски многу се јасни описите на пејзажот, на пример, за песочната степа меѓу Бактра и Оксус, или снежниот предел помеѓу Кандахар и Кабул. Геодетите навистина ја извршија целосно својата работа. Така, со своите мерења на патот и со други испитувања дадоа целосна информација за овој регион.

Битката во Источен Иран со која сега се соочи Александар беше една од најжестоките со која се зафати. Таа траеше речиси три години, од есента 330 година до почетокот на 327 година, a cé дотогаш не можеше да ја освои оваа земја. Тоа е несфатливо ако се земе предвид дека за неговата неспоредлива кариера на победи од Хелеспонт до Медија му беа потребни само четири години за да ја освои круната на Персија.

Причината се состоеше  во  различниот квалитет и начин на војување на неговите противници. Аријанскиот народ од Источен Иран, особено Бактријанците и Согдијанците имаа многу високо развиено национално чувство и голем ентузијазам за слобода и независност, што Александар Македонски не го најде на ни едно друго место во Персиската империја, со исклучок на Тир и неколку храбри планински племиња.

Тоа национално чувство ги обедини, а беше поттикнато од нивната општа зороастријанска религија. Тие воопшто не сакаа да слушнат за покорување од тој туѓ Македонец, иако најави дека војува против Бес како осветник и следбеник на Дариј. Напротив, тие во Бес гледаа свој лидер за национална борба, кога тој како роднина на ахеменидската куќа на враќање во Бактрија, ја стави круната на својата глава, право што го имаше од самиот крал и се прогласи како Голем крал под името Артаксеркс.

 

Продолжува

 

 

Пишува: СЛАВЕ КАТИН