АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ ВО ПЕРСЕПОЛ – РИЗНИЦАТА НА ДАЛЕЧНИОТ ИСТОК (34)

ДЕЛ ОД РОМАНОТ „АЛЕКСАНДАР  ВЕЛИКИ“ (МАКЕДОНСКИ) ОД

 УЛРИХ ВИЛКЕН ВО ПРЕВОД НА СЛАВЕ КАТИН

 

Роман „Александа Велики“ од германскиот научник Улрих Вилкен (Ulrlich Wilcken ALEXANDER THE GREAT), го преведе и прилагоди од англиски на македонски како „Александар Македонски“ Славе Николовски-Катин, а го издаде Издавачката куќа „Мисла“ од Скопје, во 1988 година, на 390 страници. Преводот на романот „Александат Македонски“ беше прво дело за античка Македонија на македонски јазик и беше добро прифатен пред триесет и пет години.

Се смета дека Александар Македонски во Персепол нашол 120.000 таланти (околу 42.000.000 фунти). Освен тоа во Пасаргада, која му беше предадена без борба, Александар Македонски доби од куќата на богатството на Кир 6.000 персиски таланти (околу 2.100.000 фунти). Во текот на посетата на Пасаргада му оддаде особена почит на споменот на Кир, со тоа што му нареди на Аристобул да го декорира внатрешниот дел на гробницата на Кир. Тој гроб сé уште е зачуван.

Тоа е прв знак Александар Македонски да оддава голема почит кон основањето на Ахеменидската империја, а вредно е да се забележи дека тој тоа го покажа и пред смртта на Дариј, односно кога почна да се чувствува како наследник на Кир. Се претпоставува дека уште кога Александар Македонски беше млад и го читаше делото на Ксенофон, Киропедија, Кир побудил големо восхитување.

Во почетокот на пролетта 330 година, Александар тргна да ја окупира Екбатана (Хамадан) во Медија, последниот од персиските главни градови. Беше јавено дека Дариј можел да биде таму. По поразот кај Гавгамела, Дариј избегал преку курдиските планини со неколку свои единици во Екбатана. Набргу, по пропаста, некои од единиците му се придружија и Дариј започна да формира нова војска.

Тој се надеваше дека Александар Македонски и неговите единици ќе останат долго во луксузниот логор на западниот замок, или дека тој не ќе оди понатаму од Суса, а ќе се бори во Азија со курдските планинци, кои направија голем бедем, штитејќи ги иранските земји од запад. Независно од тоа дали Александар Македонски ќе тргне во поход против него или не, Дариј планираше да ја отстапи Бактрија на Далечниот Исток и да оди по пат непрооден за Александар Македонски, опустошувајќи ја земјата каде што минуваше.

Секако, тој го испрати харемот и багажот кон Касписките премини и го чекаше текот на настаните од Екбатана. Кога Александар Македонски отиде на север во правец кон Екбатана, патем ги потчини Партијанците, беше известен дека Дариј, потпомогнат од Скитијанците и Кадисијанците, му се заканува со борба. Веднаш го остави својот багаж зад себе и тргна напред во борба. Наскоро разбра дека очекуваната помош не му дошла и Дариј се реши да бега.

Покрај тоа што Александар Македонски забрза со својата војска, сепак задоцни во Екбатана. Пред една недела Дариј беше избегал кон исток со 3.000 коњаници и 6.000 пешаци, земајќи со себе 7.000 таланти. Тоа беше големо разочарување за Александар Македонски, па затоа се подготви и тргна кон запад да го гони Дариј.

Ако со пожарот во Персепол Александар Македонски им покажа на античките Грци дека смета оти војната за одмазда е завршена, сега ја доведе таа идеја до својот логичен крај: ги отпушти и ги испрати дома со многу богат плен. Благодарение на победата кај Мегалопол тој ја задржа Античка Грција под своја власт и повеќе не му беше потребно да ги води со себе тие сојузнички единици за заштита или како заложници.

Меѓутоа, мал дел од нив не сакаа повеќе да останат, додека со негова дозвола повеќето сакаа да породолжат да му служат, но како наемници, а не како сојузници. Александар Македонски сметаше дека е завршена неговата посебна позиција како „неограничен стратег” во борбата за одмазда која му беше доверена во 336 година од Федералниот совет на Коринт. Остана хегемон на Лигата како и порано, а тоа беше доживотно именување. Сега панелинистичката борба беше предмет на минатото.

Ентузијазмот со кој на својата дваесетгодишна возраст ја прифати оваа идеја пред шест години, мораше многу одамна да олади поради лошото искуство што го стекна во меѓувреме со античките Грци. Но, никогаш не се откажа од таа идеја.

Тој успеа во тоа, потпирајќи се врз својата голема амбиција што сé уште продолжи да го инспирира за да го трасира патот на античката грчка култура на Исток. Оттогаш немаше повеќе две посебни цели во војната и можеше да се посвети на идејата за непречено освојување.

Тоа зборува за значењето на Александар Македонски како државник, кој пред да оди на Далечниот Исток, ја централизира целата финансиска администрација. My нареди на Парменион, кој го донесе богатството од Суса и Персепол, вкупно 180.000 персиски таланти (околу 63.000 000 фунти), да го депонира во тврдината на Екбатана.

Потоа да го донесе кај Харпал, кој дотогаш раководеше со војничката благајна, a cera беше именуван како царски благајник. Александар Македонски ја прекина употребата на парите од персиските кралеви и нареди да се употребуваат негови златни и сребрени монети, чии ефекти беа значајни.

На Парменион му довери да го чува кралското богатство, а му ја остави и дивизијата во Екбатана, како и сите други важни задолженија за заштитата на комуникациите во заднината.

Тоа беше многу почесна и крајно одговорна наредба која му беше доделена на заслужниот стар генерал. И покрај тоа, тој малку се чувствуваше омаловажен, но очевидно грешеше. He само неговите седумдесет години, кои изгледа не одговараа и му пречеа за такви напори, туку и спротивноста меѓу нивните погледи. Сето тоа на Александар Македонски веројатно не му одговараше. Така, ослободен од сите ограничувања, од панелинистичката идеја и од еден толку често незгоден ментор, Александар Македонски можеше да оди на Далечниот Исток.

 

Продолжува

 

 

Пишува: СЛАВЕ КАТИН